• сабота, 21 декември 2024

Доделени специјални признанија на 34 матуранти од скопските училишта на манифестацијата „Средба на првиот со најдобрите“

Доделени специјални признанија на 34 матуранти од скопските училишта на манифестацијата „Средба на првиот со најдобрите“
Скопје, 15 јуни 2021 (МИА) – Во Градскиот Парк во Скопје денеска традиционално се одржа манифестацијата „Средба на првиот со најдобрите“ на која градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на 34 матуранти првенци на генерацијата од 23 скопски средни училишта им врачи специјални признанија и парични награди. -Јас секогаш велам дека сум почестен што сум со вас и што на определен начин ние возрасните сме во ваше друштво. Нема поголемо задоволство за еден градоначалник кога ја гледа иднината на својот град вака собрана на едно место. Скопје е нашата голема куќа и сите треба да се грижиме за него. Многумина од вас ќе станат инженери, доктори, адвокати, јас секогаш ви порачувам што и да станете, да останете луѓе пред се, истакна Шилегов во своето обраќање на манифестацијата. На настанот присуствуваше и амбасадорот на Европска Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир кој вели дека е импресиониран од идеите, мислите и пораките на младите во државата. -Вие мора да ги рушите сите бариери на патот кон вашиот успех и не се плашете да поставувате прашања. Стремете се кон подобра иднина кога ќе продолжите со академскиот живот и не се плашете да прашувате, имајте став кон самото општество бидејќи вие заслужувате иднина што е од голема важност за државата, не само како граѓани на Северна Македонија, веќе како и идни граѓани на Европската Унија, истакна Гир. Тој им порача и ги охрабри идните студенти да ја искористат програмата на ЕРАЗМУС+ со цел да се запознаат со различните видови на образование, како и културата во рамките на ЕУ. Шилегов и Гир изразија сочуство за починатиот матурант Тони Сали и испратија порака неговиот спомен да биде голема мотивација во реализирање и носење на големи промени на пат кон успехот. ки/скс/  

Остани поврзан