• сабота, 23 ноември 2024

Доделени сертификати на учесниците на Летната младинска академија во Велес

Доделени сертификати на учесниците на Летната младинска академија во Велес

Велес,12 септември 2024 (МИА) - Десет средношколци кои успешно ја завршија втората Летна младинска академија, која три месеци во текот на летово ја спроведуваше Младински центар Велес, денеска во Европската куќа на млади во Велес свечено ги добија сертификатите.

 Тие во текот на летниот период учеа на темата „Правата на младите и како тие се застапуваат со нив“, посетуваат предавања коишто траеја и по два ипол часа, пишуваа домашни, стекнуваа нови знаења и најбитно се дружеа. Сертификатите им ги додели младинскиот работник Ивана Јордева.

-Во текот на изминатите три месеци во летниот период, навлеговме длабоко во светот на правата на младите, стекнувајќи непроценливи увиди и вештини кои ќе поттикнат позитивни промени во нашите заедници. Од ангажирани работилници до дискусии кои предизвикуваат размислување, нашето време заедно беше доказ за страста и посветеноста на нашите учесници. Секоја сесија донесе нови предизвици и триумфи, а ние сме толку горди на напредокот што сите го постигнаа, потенцира Јордева.

На барање од средношколците Јордева вети дека ваков тип на академии ќе се организираат во текот на целата година. ад/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан