• петок, 27 декември 2024

Доделени седум нови стипендии на ученици со попреченост од Крива Паланка

Доделени седум нови стипендии на ученици со попреченост од Крива Паланка

Крива Паланка, 2 ноември 2021 (МИА) - Во Крива Паланка потпишани се договори за стипендирање на ученици со пречки во развојот од прво, второ и трето одделение од основните училишта од градот. Договорите ги потпишаа родителите на децата и одговорните од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, Татјана Арсовска и Благица Димитровска.

- Стипендистите ќе добиваат средства во висина од 50 евра во денарска противвредност, десет месеци во годината, а услов за задржување на стипендијата во следната учебна година е редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следно одделение, додаде Димитровска.

Стипендиите се доделуваат во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ што го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“  заедно со „Инклузива“ и здружението за давање услуги на лица со попреченост „Хендимак“, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, како партнери во имплементацијата на проектот.

- Родителите на дечиња со попреченост кои се вклучени во редовниот процес на образование од прво, второ и трето одделение од Крива Паланка потпишаа или ги продолжија договорите за стипендирање на учениците. Продолжени се три договори за стипендирање на дечиња со попреченост кои остварија право на стипендирање во минатата учебна, 2020/21, година, првооделенци и ученици од второ одделение од двете основни училишта во Крива Паланка, ООУ „Илинден” и „Јоаким Крчовски”, а право на стипендија остварија седум нови  ученици со попреченост од прво одделение, вклучени во редовниот процес на образование во двете општински основни училишта, изјави Димитровска.

Таа рече дека со овој проект во Општина Крива Паланка по втор пат се доделува директна финансиска помош на родителите кои се постојано изложени на дополнителни трошоци за реализација на сите неопходни секојдневни активности поврзани со нивните деца.

Проектот во Крива Паланка се реализира во соработка со општината и стручните служби од основните училишта.ид/фф/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан