Доброволно противпожарно друштво формирано во Тетово со цел да ги помогне професионалните пожарникари на интервенции
- Новоформирано Доброволно противпожарно друштво „Полог“ за подрачјето на Тетово и околните населени места и рурални општини ќе помага на Територијалната противпожарна единица-Тетово кога ќе има потреба од повеќе луѓе за интервенции.

Тетово, 20 мај 2025 (МИА) - Новоформирано Доброволно противпожарно друштво „Полог“ за подрачјето на Тетово и околните населени места и рурални општини ќе помага на Територијалната противпожарна единица-Тетово кога ќе има потреба од повеќе луѓе за интервенции. Ова беше соопштено од Општина Тетово и ТППЕ Тетово на денешното одбележување на Денот на пожарникарите на градскиот плоштад во одговор на новинарското прашање како ќе се подобруваат капацитетите на оваа служба.
-Доброволната противпожарна ја имаме формирано во рамките на противпожарната единица Тетово, заедно со претседателот од општина. Сега моментално имаме 15 инволвирани членови. Сакаме во секое село да има по 2-3 млади што сакаат да се вклучат како доброволци. Тие доаѓаат на повик, имаат своја работа, но сакаат да помогнат да противпожарната единица. Ќе ги пратиме во Хрватска за да ги тренираме волонтерите и професионалните пожарникари. Гледаме многу голем интерес од младите што сакаат да се вклучат, изјави Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами ја посочи значајноста што противпожарната служба има поддршка од странски донатори.
-Имајќи предвид дека се работи за противпожарна единица која ги покрива и околните општини ние работиме силно оваа противпожарна единица биде една од најподготвените на ниво на државата како со пожарникари спасители, така и во делот на нивното опремување. Противпожарната единица денеска е многу подобро подготвена од тоа што беше вчера, но нашата заложба е утре да биде уште поподготвена. Затоа дозволете ми да им кажам голема благодарност и до нашите меѓународни партнери кои придонесоа оваа единица да биде на ова ниво што е денеска, особено на нашите партнери од Австрија и од Обединето кралство кои се перманентни поддржувачи на нашата противпожарна единица, истакна Касами.
Доброволното противпожарно друштво е формирано пред две недели . ас/дма/
Фото: МИА