• недела, 24 ноември 2024

Доброволното противпожарно друштво – Кочани организираше меѓународен натпревар по повод третиот роденден

Доброволното противпожарно друштво – Кочани организираше меѓународен натпревар по повод третиот роденден

Кочани, 16 септември 2024 (МИА) - Доброволното противпожарно друштво – Кочани го прослави третиот роденеден, а по тој повод волонтерите организираа Меѓународен противпожарен натпревар на кој учествуваа доброволци од Бугарија, Србија, Словенија, како и од повеќе друштва од Македонија.

Пожарникарите се натпреваруваа на претходно зададени сценарија, на четири противпожарни полигони, од кои три лоцирани во централното градско подрачје и еден во кругот на Територијалната противпожарна единица во Кочани.

-Најдобар резултат постигнаа и првото место го освоија членовите на Доброволното противпожарно друштво Петроварадин од Нови Сад, Република Србија, со остварено време од 9 минути и 2 секунди. Второпласирани беа доброволците од Рогашка Слатина, Република Словенија со време од 9 минути и 12 секунди, додека и третото место ѝ припадна на противпожарната екипа од Рафинерија ОКТА од Скопје, која поставените задачи ги исполни за 10 минути и 47 секунди. Во женска конкуренција првото место ѝ припадна на екипата на ДПД Сингелиќ од Ниш, Република Србија, истакна Златко Илијев претседател на ДПД – Кочани.

Во рамки на натпреварот беа организирани и детски противпожарни игри за петтоодделенците од основните училишта од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, а најуспешни беа учениците од ОУ „Климент Охридски” од Облешево.

-Со овој настан ДПД Кочани ја афирмира својата работа, напори и труд што ги даваат во заштитата на животната средина и на сите други активности кои се дел од нивната работа. Во исто време ова е и можност да се регрутираат нови членови, нови заштитници на природата. Нека вашата подготвеност секогаш биде на највисоко ниво, но да нема потреба да ги користите вашите вештини и знаења, истакна Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.

По повод роденденското одбележување се одржа и културно-забавна програма во која дечињата од детската градинка „Павлина Велјанова“ се претставија со музички точки на платото на Центарот за култура „Бели мугри“. та/сст/

фото: МИА

 

Остани поврзан