• сабота, 23 ноември 2024

Дневницата за берење грозје 1 200 денари, договорија лозари и аргати во Сопот  

Дневницата за берење грозје 1 200 денари, договорија лозари и аргати во Сопот  
Кавадарци, 24 август 2022 (МИА) - Лозари и аргати во кавадаречкото село Сопот договорија дневницата за берење грозје од шест до 14 часот да изнесува 1 200 денари. Производителите на грозје, притоа, немаат обврска да обезбедуваат јадење за берачите. Според организаторите на заедничкиот состанок, ваков договор бил неопходен во врска со надницата на аргатите, за и двете страни да знаат како да постапуваат понатаму. -Важно е доследно да се применува договореното. Таква пракса досега не се применуваше, секој си го гледаше сопствениот интерес, уривајќи ја вообичаената надница што дотогаш важела. Да се надеваме дека ќе бидеме доследни, велат за МИА сопственици на лозови насади. Лозари претходно изјавија дека се одлучиле на ваков чекор, бидејќи завчера аргати береле грозје за дневница од 1.200 денари, а вчера барале 1.500 за работа од шест до 12 часот. -Што е многу, многу е. Сакаме договор за да се знае цена и работно време. Свесни сме дека тие што имаат помалку грозје несакајќи прават пореметување на цената за аргатска работа, бидејќи за да го оберат побрзо малиот род спремни се да платат и поскапо. Но, со тоа им создаваат проблеми на тие што живеат од лозарство и се регистрирани земјоделци со големи плантажи лозови насади. Не знаеме дали ќе успееме во нашата намера, ама барем ќе се обидеме, истакнаа лозарите за МИА. Во Сопот доаѓаат да берат грозје аргати од Кочани, Штип, Крива Паланка. Лозарот Стефан Стојчев кој стопанисува со 30 хектари лозје за МИА рече дека минатата година аргатите кај него береле грозје за 1 000 денари дневница. Аргати од Неготино, пак, се децидни дека лани работеле за дневница од 1.300 денари, годинава за 1.400 денари со нивни превоз и јадење береле грозје од 5.30 до 12 часот. Цената била покачена, оти зголемени биле сите трошоци за живот. свд/мч/

Остани поврзан