• недела, 09 март 2025

Дистрибуција на наставниците е нерамномерна и ќе се врши нивна прераспределба ако спроведеме целосно едносменска настава, вели Јаневска

Дистрибуција на наставниците е нерамномерна и ќе се врши нивна прераспределба ако спроведеме целосно едносменска настава, вели Јаневска

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во однос на тоа дали има доволен број на наставници во државата со оглед на тоа што се планира воведување на едносменска настава во училиштата, напомена дека дистрибуција на наставниците е нерамномерна и ќе се врши нивна прераспределба. Како што потенцира, наставниците нема да останат без работа, туку ќе станат пофункционални.

-Дистрибуцијата на наставници во училиштата во Македонија е нерамномерна. Во некои училишта постојат повеќе паралелки со 12, 10 или 15 деца, и треба да се зачуваат работните места на наставници, кои што во овој момент би биле вишок ако се спојат паралелките. Но, пак, во други училишта, има недостаток на наставници, ако ја спроведеме целосно едносменската настава. Поради тоа, ќе правиме прераспределба на наставници, од таму каде што ги има вишок, во тие општини каде што тие недостасуваат, изјави денеска Јаневска, за време на посетата на училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“, во одговор на новинарско прашање.

Како што дополни, прераспределбата ќе се врши во општините на Скопје, или во соседните општини.

-Јас и натаму тврдам дека наставниците нема да останат без работа, тие само ќе станат пофункционални. Прераспределбата ќе ја прави Министерството, заедно со локалната самоуправа и со менаџерите на училиштата, рече Јаневска.

Завчера министерка Јаневска беше во посета на институтот на Здружениот истражувачки центар на Европската комисија во Испра во Италија. Прашана која е целта на посетата на овој институт, Јаневска одговори дека станува збор за исклучително важна институција, со која договориле соработка во полето на науката, технолошки развој, земјоделие, почва, воздух, кибер безбедност. бт/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан