• сабота, 23 ноември 2024

Дислоцирани дивите кампери во Љубаништа, мандатни казни и пријави за сторителите

Дислоцирани дивите кампери во Љубаништа, мандатни казни и пријави за сторителите

Охрид, 22 јули 2023 (МИА) – Надлежните служби денеска спроведоа акција за дислоцирање на дивите кампери од плажата во Љубаништа и оневозможување на повторно поставување опрема за кампување на недозволени места во атарот на Националниот парк „Галичица“.

Од Управата на Националниот парк соопштија дека во активностите учествувале екипи на НП „Галичица“, на полицијата и на пазарната инспекција, при што на местото „Рајца“ на самиот брег на езерото биле затекнати околу дваесетина диви кампери. На лице место имало и неколку несоодветно направени септички јами.

-Наредено им е да се дислоцираат, напишани се мандатни казни и соодветни пријави. Во склоп на акцијата беше пуштена и градежна машина булдозер која изврши некои зафати на парцелата во сопственост на РСМ кои понатаму ќе ги оневозможат дивите кампери да се населуваат на тоа место, информираат од НП „Галичица“.

Од паркот уште посочуваат дека со оглед дека станува збор за слободен простор, што не е уреден и нема соодветни услови за кампување односно нема тоалети, контејнери, дополнително се загадува животната средина и воедно една од најубавите плажи на источното крајбрежје.

Години наназад тој простор непосредно до Автокампот „Љубаништа“ се злоупотребува за кампување, без да се води сметка за одржување на хигиената на просторот. аб/вј/

фото/НП „Галичица“

Остани поврзан