• сабота, 23 ноември 2024

Дислокација на зелениот пазар и бараките кај Автобуската станица во Кочани

Дислокација на зелениот пазар и бараките кај Автобуската станица во Кочани
Кочани, 22 јули 2021 (МИА) – Тротоарот на булеварот „Тодосија Паунов“, во близина на Автобуската станица во Кочани, ќе се ослободи од пазарските тезги и бараките. Сите времено поставени објекти се дислоцираат и просторот ќе биде максимално функционален во својата намена. Од Општина Кочани оценуваат дека со реконструкцијата на булеварот се наметнало прашањето за обезбедување што поголема проодност на пешачките површини. Притоа, целата локација ќе ги задржи истите содржини, но со правилен распоред, подеднаква достапност и подобра организираност, со што движењето на пешаците по тротоарите нема да биде отежнато или невозможно. – Надгледувајќи ја целокупната состојба во тој дел на градот и хаосот со којшто се соочуваме секојдневно, планираме дислокација на бараките што се наоѓаат на јавно-прометните површини. Тие ќе бидат преместени на локацијата каде што сега е зелениот пазар, а тој пак ќе се врати на поранешната локација, педесетина метри погоре зад сегашните бараки. Со тоа ќе се создаде нов изглед и нова фукција на овој дел од градот. Граѓаните ќе можат да пазарат подалеку од улицата и правот, подалеку од чадот на автомобилите. Тие што ќе сакаат да пазарат со автомобил, ќе имаат можност се исклучат од булеварот за да не прават застој на коловозната лента, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. На средба со сопствениците на бараките, идејата за дислокација наишла на разбирање и поддршка, по што ќе се пристапи кон нејзина реализација. Старо-новиот простор за зелен пазар на „Тодосија Паунов“ ќе се облагороди со зеленило, дрвца и урбана опрема, а целиот потег ќе добие и дополнителни содржини. Градоначалникот ги повика сите учесници во сообраќајот да се однесуваат совесно, возачите да не паркираат на несоодветни места, а тротарите да бидат слободни за непречено движење на пешаците.та/фф/

Остани поврзан