• среда, 14 мај 2025

Директорот Цуцковски ја претстави програмата на годинешното издание на „Охридско лето“  пред  делегатите на ЕФА

Директорот Цуцковски ја претстави програмата на годинешното издание на „Охридско лето“  пред  делегатите на ЕФА

Охрид, 29 април 2025 (МИА) – Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, пред  делегатите на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) во Единбург ја презентираше програмата на годинешното 65-то издание на Фестивалот „Охридско лето 2025“.

„Посебно сум горд што работејќи посветено и професионално, успеавме  да ги завршивме подготовките за претстојното фестивалско издание во делот на програмата и на нешто помалку од три месеци со гордост да ја објавиме, но и да ја презентираме богатата и квалитетна уметничка програма и врвните уметници и пред фестивалската елита, тука, во Единбург на Самитот на фестивалите“, посочи Цуцковски на годишниот Самит на уметнички фестивали во Шкотска.

Во рамки на Самитот во Единбург ќе се одржи и 73. Генерално собрание на ЕФА, како и Средба на бордот на членови на Одборот на ЕФА.

Меѓу темите на дискусија во рамки на Самитот ќе бидат и глобалните перспективи и локалните контексти, како можност за поврзување и откривање на диверзитетот на различните култури, како и унапредување на соработката на европските фестивали.

Во обраќањето пред учесниците на собирот Цуцковски уште посочи дека е создадена „нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековната традиција на Фестивалот, една нова форма на креативно изразување која ни го отвора патот на успешна соработка со врвните фестивали во иднина“.

На програмата на Самитот на ЕФА во Единбург се и повеќе работилници што ќе се реализираат паралелно на различни локации, а на кои ќе бидат обработени различни теми поврзани со модерните предизвици во областа на културата и придобивките од вештачката интелигенција. Една од темите е и фокусот на диверзитетот, еднаквоста, инклузивноста, пристапноста и припадноста на различните фестивали- членки на ЕФА.

Европската фестивалска асоцијација вклучува над 140 фестивали од 40 земји, во која „Охридско лето“ членува од 1994 година. аб/цр

фото: „Охридско лето“

 

Остани поврзан