• понеделник, 23 декември 2024

Директорот на ЦИА на преговорите во Каиро изнел нов предлог за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Директорот на ЦИА на преговорите во Каиро изнел нов предлог за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Каиро, 9 април 2024 (МИА) – Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Бил Барнс на состанокот одржан во Каиро претставил нов предлог на преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, јави Си-Ен-Ен повикувајќи се на неименуван извор.

Американскиот предлог вклучува ослободување на повеќе Палестинци од израелските затвори во замена за 40 заложници кои ги држи Хамас во Газа.

Изворот навел дека САД би сакале и на Палестинците од северот на Газа, кои побегнале на југ поради војната, да им биде дозволено да се вратат во своите домови.

На состанокот, кој се одржа викендов, присуствуваа катарски, египетски и израелски официјални претставници и сите, наводно, потврдиле дека ќе го проучат новиот предлог на Вашингтон.

Во исто време, претставници на Хамас во Каиро се сретнаа со претставници на египетските разузнавачи, јавија локалните медиуми.

Војната меѓу Израел и Хамас избувна на 7 октомври, откако палестинската милитантна група изврши терористички напади во јужниот дел на Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници. Во израелската офанзива на Појасот Газа досега се убиени повеќе од 33.100 Палестинци, соопшти Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан