• сабота, 23 ноември 2024

Директорот на БЈБ Тасевски на Регионална конференција на директори на полиции во Црна Гора

Директорот на БЈБ Тасевски на Регионална конференција на директори на полиции во Црна Гора

Скопје, 9 март 2023 (МИА) - Делегација на Министерството за внатрешни работи, преводена од директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, учествуваше на Регионалната конференција на директори на полиции на тема „Борба против идентификувани криминални мрежи од висок ризик, со посебен акцент на криминални платформи“, во рамки на проектот „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан ИПА 2019“, што се одржа во црногорскиот град Тиват.

Во состав на делегацијата беа и началникот на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Ветон Кранлиевски и помошник директорката во Одделот за криминалистичко разузнавање и анализа Јулија Поповска Александровска.

Како што информираа од МВР, конференцијата е организирана во заедничка соработка помеѓу споменатиот проект и Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, како и Иницијативата за интегрирано управување со внатрешна безбедност (ИИСГ), а има за цел обезбедување на координиран пристап и сеопфатна соработка помеѓу институциите задолжени за спроведување на законот кои се неопходни за успешно справување со организираниот криминал како феномен.

Во своето обраќање, директорот Тасевски нагласи дека во борбата против овој феномен стратешките документи се засновани на анализа на организираниот криминал и даваат преглед на актуелната состојба, но и проценка на идните закани, поддржувајќи го идентификувањето на стратешки приоритети и таргет области за ефективно сузбивање на идентификуваните предизвици.

Според него, таквите проценки на закани ќе бидат од голема корист, а преку оперативните исходи на прекуграничните истраги и поврзаната аналитичка слика се тежнее кон постигнување на полициски пристап воден од разузнавање, во согласност со ЕУ стандардите.

Притоа, како што се наведува во соопштението од МВР, тој се осврна на стратешката географска положба на земјите од Западен Балкан, која во комбинација со многу други фактори ги забрза операциите на криминалните мрежи, кои во обидите за флуидност и изнаоѓање на пософистицирани начини на избегнување на прогонот и зголемување на криминалните приходи сѐ повеќе ги усвојуваат најновите достапни технологии и сѐ повеќе користат дигитални, скриени платформи.

- Безбедноста на мрежните податоци е изложена на најголем ризик од криминалните мрежи кога содржат чувствителни, доверливи или лични информации. Децата додека трошат голем дел од нивното време онлајн, стануваат потенцијални жртви на криминалните мрежи, рекол директорот Тасевски, додавајќи дека состојбите со криминалните мрежи и пазари бараат современ и сеопфатен пристап од полициските организации и интензивна меѓусебна соработка. цр/сп/

Фото: МВР

Остани поврзан