• понеделник, 23 декември 2024

Директорот на АХВ бара да се донесат измените и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните

Директорот на АХВ бара да се донесат измените и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов денеска изјави дека ќе инстистира да се донесат измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните, а фокусот ќе биде ставен на воспоставување, контрола и регистрација на размножувањето на кучињата миленици, како еден од главните фактори за настанување на бездомни кучиња. Тој информираше дека Агенцијата има регистрирано вкупно 139.463 кучиња миленици.

Во Скопје денеска се одржува панел дискусија „Ангажманот на локалната заедница во управување со популација на бездомни кучиња“, организирана од АХВ, а со поддршка на Австриската амбасада во земјава. Како што изјави Миланов, учествуваат и повеќе институции од невладиниот сектор во државата, невладини претставници од Австрија, како и практичари и еминентни професори.

-Денешната дискусија ќе биде фокусирана на начинот на управување со бездомните кучиња, што е еден од горливите проблеми во земјава. Како одговорна институција, јас како прв човек на Агенцијата, ќе инстистирам на продолжување на измените и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните. За нас како институција е несфатливо како овој Закон можеше да биде повлечен од собраниска процедура. Со донесување на овие измени и дополнувања, фокус ќе биде даден на воспоставување, контрола и регистрација на размножувањето на кучињата миленици, изјави Миланов.

Како што рече, на решавањето на овој проблем, освен АХВ и општините, посветени се и ветеринарните друштва, сопственици на кучиња, комуналните инспектори.

Миланов информираше дека Агенцијата за храна и ветеринарство има база на податоци, односно индификационен систем во кој се врши регистрација на сите миленици и домашни кучиња. Во моментот, посочи, регистрирани се 139.463 кучиња миленици во државата.

-Согласно законските и подзаконските акти, ние даваме и одобрение за прифатилишта. Во моментот, во државата на целата територија има 29 регистрирани и одобрени прифатилишта. Моја крајна цел е да немаме бездомни кучиња на нашите улици, рече Миланов.

Во однос на внесување на кучиња од село во град, Миланов појасни дека се во секојдневна комуникација со МВР, и имале неколку состаноци за илегалното внесување и извезување на кучиња како и транзит и транспорт низ целата територија на државата.

Претседателот на Ветеринарната комора, Жарко Михајловски пред почетокот на панел дискусијата изјави дека даваат поддршка на носење на измени на Законот за заштита и благосостојба на животните.

-Даваме поддршка да се продолжи процесот и што побрзо да се донесат измените на Законот, со цел да се подобри целокупната ситуација со кучињата скитници, а сите знаеме каква е ситуацијата денес. Сакам да искажам голема благодарност до Австриската амбасада и до нејзиното аташе за нивната поддршка за организирање на оваа панел дискусија. Докторите по ветеринарна медицина секојдневно се вклучени во справувањето со проблемот со кучињата скитници, рече Михајловски.

На новинарско прашање до директорот Оливер Миланов, во врска со случајот кога кај Момин поток беше претепано куче, тој одговори дека веднаш откако се случил настанот, Агенцијата пратила допис со известување до МВР, за насилникот којшто изврши обид за убиство на бездомното куче, и тој беше приведен од страна на МВР.

-Да, веднаш беше побарана изјава од МВР. Ние како Агенција пративме допис со известување до нив за насилникот којшто изврши обид за убиство на бездомното куче. Тој беше приведен од страна на МВР и тие како институција си поведуваат натаму дејствија за истиот, рече Миланов.бт/лв/

Фото: принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан