Директорите на ЕИБ и ГИЗ во земјава во посета на Општина Крива Паланка
- Протоколарна посета на Општина Крива Паланка и средба со градоначалникот Сашко Митовски, денеска остварија директорот на Европска инвестициска банка ( ЕИБ) во земјава, Габриел Бјорн, директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер, програмскиот менаџер во ГИЗ во државата, Александeр Ерлевеин и Филип Нелковски од ГИЗ.
Крива Паланка, 27 јануари 2025 (МИА) - Протоколарна посета на Општина Крива Паланка и средба со градоначалникот Сашко Митовски, денеска остварија директорот на Европска инвестициска банка ( ЕИБ) во земјава, Габриел Бјорн, директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер, програмскиот менаџер во ГИЗ во државата, Александeр Ерлевеин и Филип Нелковски од ГИЗ.
-Поводот за посетата е најновиот грант за Општина Крива Паланка од ЕИБ преку ГИЗ со кој во рамки на ГАП-фондот за финансирање на општините за справување со последиците од климатски промени, стручни, меѓународни експерти, хидролози, ќе изготват пред-физибилити студија за менаџирање со поплави. Со оваа студија се отвораат можностите за реализација на плановите за урбан развој на градот по левиот брег на Крива Река, реонот од населба „Единство“ кон технички преглед, каде што е планирана регулација на коритото и е проектирана сервисна улица, информира службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.
Оттаму посочија дека претставниците од ГИЗ и ЕИБ изнеле позитивни ставови за одличната досегашна соработка и комуникација, капацитетите и човечките ресурси за подготовка и имплементација на проекти во самата локална самоуправа, а на состанокот била отворена дискусија за изнаоѓање можности за финансирање и останати проекти во иднина.
Инаку, преку ГАП-фондот, покрај Крива Паланка, ќе бидат поддржани уште две општини од Североисточниот регион, за справување со последиците од климатски промени: Кратово и Куманово. ид/
Фото: Општина Крива Паланка