• недела, 28 јули 2024

Дипломатски офанзиви на Кина и на Австралија на Пацификот

Дипломатски офанзиви на Кина и на Австралија на Пацификот
Велингтон, 2 јуни 2022 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Кина и на Австралија ги посетија островските нации во регионот на Тихиот Океан во рамки на одвоените дипломатски офанзиви на двете држави на Пацификот. Дипломатските потези на Кина во регионот, особено по прашања од областа на безбедноста, предизвикаа загриженост во некои тихоокеански земји, како и во САД и Австралија. Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг ја посети Самоа, каде што разговараше со премиерката Фиаме Наоми Матафа. Вонг рече дека Австралија го почитува правото на државите да донесуваат независни безбедносни одлуки, но дека тие имаат потенцијал да влијаат врз природата на безбедносните аранжмани во регионот и оттаму неопходноста важните прашања да се разгледуваат колективно. Премиерката Матафа најави дека Самоа засега нема да потпише големи мултилатерални договори со Кина и дека имаат потреба од разговори со другите држави на Тихиот Океан. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји пред завршувањето на неговата турнеја по Пацификот се сретна со раководството на Папуа Нова Гвинеја. Ванг претходно имаше разговори со претставници на властите на десет држави во регионот на Јужниот Пацифик со цел постигнување широк договор, но не беа успешни напорите за постигнување консензус. Сепак, беа потпишани билатерални договори со неколку земји од Пацификот. Посетата на Ванг на Папуа Нова Гвинеја доаѓа пред изборите во таа земја предвидени за наредниот месец. Шефот на кинеската дипломатија потоа заминува за островот Тонга, а турнејата ќе заврши со посета на Источен Тимор. аб/паг/

Остани поврзан