• сабота, 23 ноември 2024

Димов за МИА: На Европа и се потребни 34 критични минерални суровини за преминување од фосилни горива кон зелена енергија

Димов за МИА: На Европа и се потребни 34 критични минерални суровини за преминување од фосилни горива кон зелена енергија

Штип, 10 март 2024 (МИА) - Европската унија на 15 декември минатата година усвои Закон за искористување на критични минерални суровини. На листата се вкупно 34 минерални суровини кои треба да овозможат побрз индустриски и економски развој, но и земјите од овој континент да не бидат зависни од суровините од Кина и од Русија. 

Деканот на Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Ѓорѓи Димов во видео интервју за МИА снимено во прес-центарот во Штип посочува дека овие 34 критични минерални суровини се основата за транзиција од фосилните горива кон зелената енергија. Смета дека овој закон треба да го донесеме и ние. 

- Европа е зависна од метали, зависна од минерали од остатокот од светот, а во последните неколку  години гледаме повеќе кризи. Прво беше Ковид пандемијата, којашто го намали транспортот, со што неколкукратно поскапеа цените, пред се мислам на бившите Советски републики и Кина, како главни   извозници на овие минерали што ги користиме во индустриските процеси во Европа. Сега ја гледаме кризата во Црвеното море со Хутите и со намалениот транспорт и стравот на превозниците од евентуални напади. Сето тоа не става во позиција на ранливост. Значи европскиот пазар е ранлив, посочува Димов.

За револтот кај граѓаните и екологистите за отварањето на нови рудници поради тоа што во минатото дел од нив беа причина за неколку еколошки катастрофи, Димов вели дека го разбира нивниот револт, но дека за отварање на нови рудни наоѓалишта потребен е добар закон и мониторинг.

- Многу е важно да имаме систем за мониторинг. Тој систем за мониторинг алармира. Во најново време користиме сензори што се онлајн, што можат да измерат промена на некој параметар и да алармираат благовремено. Значи, ако дојде до промена на испуштање, одредени инфлуенсии, вода и.т.н., сензорите треба да алармираат. Ако имаме емисија на честички во воздухот, тие сензори кажуваат и веднаш се преземаат мерки за отстранување на тој тип на загадувач, појаснува Димов.

Во нашата земја има 17 метали, најмногу железо, кој како метал не е атрактивен но, според Димов, мора да има истражувања за нови наоѓалишта коишто се потребни за забрзан економски развој. Посочува дека за најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК Битола има јаглен.

 - Во Пелагонија има јаглен, можеби не ни е откриен, не ни е погоден за експлоатација, меѓутоа ние се уште вадиме неколку милиони тони јаглен годишно. И се уште имаме потенцијал да го истражуваме, посебно со отворањето на оние наоѓалишта од Битола кон грчката граница. Тоа е наоѓалиштето Живојно, за коешто е изработена целата потребна документација, добиена дозвола за експлоатација, во фаза е на отворање. Меѓутоа, заклучоците од Коп 26, Коп 27 не стави во размислување дали треба да се инвестира во таа насока, вели Димов.

Во видео интервјуто, Димов говори и за малиот интерес за студирање на овие струки, а открива и дали науката може да ги предвиди земјотресите и вулканските активности.

null

Во продолжение го пренесуваме целото интервју со видео материјал: 

Во Европа доста актуелна е темата во делот на искористувањето на минералните суровини. Европската унија донесе нов Закон за искористување на критични минерални суровини. Дали може да ни објасните што значи ова и како Европа ќе се престрои со овој Закон?

- На 15 декември 2023 година е изгласана Иницијативата, којашто претходно беше донесена од Европската комисија и се донесе еден закон којшто е наречен Закон за критични минерални суровини. Тоа е еден акт којшто со големо мнозинство беше донесен во Европскиот Парламент, а се однесува на тоа дека тие 34 издефинирани, издвоени критични минерални суровини се претставуваат како јавно добро, значи како јавен интерес, и тие 34 минерални суровини всушност ќе ни помогнат полесно да го пребродиме јазот меѓу фосилните горива и зеленета енергија. Кога зборуваме за тој Закон, тоа е донесено под притисок на поновите случувања во последните неколку години. Европа е зависна од метали, зависна од минерали од остатокот од светот, а во последните неколку  години гледаме повеќе кризи. Прва беше Ковид пандемијата којашто го намали транспортот, со што неколкукратно поскапеа цените, пред се зборувам за бившите Советски Републики и Кина како главни извозници на овие минерали што ги користиме  во индустриските процеси во Европа. Сега ја гледаме кризата во Црвеното море со  Хутите и со намалениот транспорт и стравот на превозниците од евентуални напади. Сето тоа не става во позиција на ранливост. Значи европскиот пазар е ранлив. Повеќе од 75 до 80 проценти од  минералните суровини доаѓаат од исток. Сето тоа ја натера ЕУ да размислува малку повеќе за својата иднина и како може да го стимулира процесот на повторна обработка, повторна употреба, рециклирање на минерални суровини. Но, овде секако спаѓа и еден процес на интензивирање или поддршка на отворање нови наоѓалишта на тие 34 критични минерални суровини.

Кои се триесет и четирите критични минерални суровини?

- Тоа се минерaлни суровини штo се поврзани со изработката на електромоторите и на батериите. Тука пред се се мисли на бакарот, литиумот, молибден, антимон, златото, силициум. Голем дел од тие метали ги имаме во Македонија.

Зошто се потребни овие метали, за каква изработка? Велите, потребни се за да се преструктуира Европа од фосилни горива кон зелена енергија?

- Прво и основно, ние прво ја правиме примарната инфраструктура. Моментално, гледате дека има инсталации  на мегавати и мегавати, фотоволтаични панели, коишто ќе ни овозможуваат да имаме голема количина на електирична енергија,  да ја произведуваме преку ден. Што ќе правиме со таа енергија во текот на  ноќта?  Значи следен чекор е да мора да измислиме големи батерии, големи колектори, коишто ќе ја акумулираат таа енергија и ќе можеме да ја користиме кога ќе ни треба, а не само кога ќе има Сонце. Ќе требаат огромни количини на минерали за да изградиме и ветерници, така за да изградиме една ветерна централа има меѓу  25 и 30 метали, од коишто доминантни се челикот и бакарот. Тоа  се огромни количини на метали.  За да изработиме еден електромобил, знаете ли колку бакар е потребен за електромоторот. Ако сакаме да ја направиме таа транзиција полесна, мораме да сметаме на минералните суровини. Тешко можеме без металични минерални суровини, без кои не можеме да го замислиме секојдневниот живот. Пред 150 години било замисливо да живееме без метали, меѓутоа денес буквално не можеме да помислиме да изработиме било што, без употреба на метали.

Дали во нашата земја овој закон може да се примени и треба ли иницијатива за нашите пратеници да го донесат?

-Имаме веќе добро установена пракса како се преземаат закони, имаме закони со европско знаменце, како се преземаат и по брза постапка како се носат овие закони. За среќа имаме институции во државата коишто го пратат европското законодавството. Кај нас, во нашата област на минерралните суровини тоа е Министерството за економија -Секторот за минерални суровини и експертите од тој сектор ги гледаат промените, го гледаат и ова што се случува. Тие и предлагаат на Владата што треба, а што не треба да се прави и да се донесе. Секако ова е ново, донесено на 15 декември 2023 година и секако заедно со јавноста и експертската фела ќе се разгледуваат можностите за имплементација на овој закон во земјава. Во овој момент, треба да напоменеме дека се прави Стратегијата за  детални геолошки истражувања за експлоатација на минерални суровини,  документ којшто треба да се донесе наредната година, а веќе интензивно се изработува две години. Се прават и новите просторни планови 2020-2040 година, каде што минералните суровини треба да го најдат своето место. Не чека работа.

Што значи тоа истражување во државата, каде и колку имаме минерални суровини?

- Имаме 17 елементи или 17 метали во нашата држава. Некои од нив ги искористуваме повеќе од 80-90 години, па и 100 години. Рудникот „Злетово“ и другите се користени за време на бивша Југославија, па се затворени, па повторно отворени. Моментално работиме со еден минимален капацитет од тоа што можеме да го имаме. Меѓутоа имаме голем  потенцијал.

Нашите наоѓалишта не се од редот на големите, тоа се средни или мали наоѓалишта во светски рамки. Меѓутоа имаме толку голем геодиверзитет, што имаме можност дури и од овие ретки минерални суровини да интензивираме некои нови истражувања. Во текот на 70-тите и 80-тите години кога имало интензивни истражувања на минералните суровни, сме направиле некоја основна визија и перцепција што се има. Бившиот Геолошки завод со фондовски средства истражувал навистина многу. И сега ние знаеме каде ги имаме металите, тие што се истражени. Меѓутоа имаме индиции дека имаме и многу други метали, коишто се од рангот на ретки метали, и метали што досега не биле интересни, но стануваат интересни. Имаме наоѓалишта на антимон, метал којшто е многу баран, потоа на молибден, за којшто до сега не сме помислувале да го експлоатираме. Тоа ни отвора нови можности, освен што ги експлоатираме традиционалните како олово, цинк, бакар и злато, да размислуваме и за  експлоатација и екстракција на некои нови типови на минерални суровини.

Граѓаните и екологистите реагираат на најавите за отварање на нови рудници. 

- Не се тие виновни. Историски гледано навистина имале проблеми со рудниците, посебно со она што излегува од рудниците и индустријата општо земено. Проблемите не се рудниците со метали, имаме проблеми со фармацевтските индустрии итн. Недовербата се должи на едно време кога законските легислативи биле многу потолерантни, а и самиот начин на употреба и екстракција на минералните суровини бил поекстензивен. Сега имаме Закон за минерални суровни, којшто го изработуваше Министерството заедно со организациите за заштита на животната средина. Тие зборуваат за делот што го знаат, ние зборуваме за делот што ние го знаеме. Тие за нивната наука, а ние за нашата наука и се трудиме да направиме еден добар Закон којшто исклучува некои супстанци, а коишто тие ги нотираат како штетни, како загадувачки материјали.

Меѓутоа сакам да споменам дека експлоатацијата на минерални суровини е актуелна во многу европски развиени држави и е темел на нивната економија. Такви се Шпанија, Португалија, да не зборувам за северните земји како Норвешка, Финска, Шведска, каде експлоатацијата на метали е фундамент на нивната економија. Многу европски држави за време на нивните индустријализации и на процесите на стабилизација на економија ги потрошија нивните минерали суровини, за жал. Но, и ден денес има голем број на металични и неметалични минерални суровини што се екстрафираат во непосредна близина на урбани, населени места. За да го постигнеме тоа треба законодавството уште малку да се смени, да се транспонира уште некој од оние закони и директиви што ги предлага ЕУ, а во меѓувреме да се донесе Стратегијата за истражување и експлоатација на минерални суровини, заедно со Законот за критични минерални суровини. Мислам дека можеме заедно со активистите и со научниците од зелениот сектор, да направиме добри примери за тоа како може да имаме и рудници и здрава животна средина. 

null

Кога зборуваме за нашите рудници факт е дека тие во изминатите години направиле неколку еколошки катастрофи. Ги знаеме случаите со Злетово и со Саса. Се излеја јаловина во реките, која дојде и во Брегалница. Имаме и загадување на животната средина околу хидројаловиштата (рударски езера). Сето ова создава недоверба кај граѓаните. Можеме ли да имаме современи рудници? 

- Кога ја  споменавте „Саса“, во овој момент се прават две значајни инвестиции коишто ќе овозможат да нема, односно воопшто да не излегува јаловина од рудникот. Тоа се  проекти што овозможуваат целата јаловина, што се произведува, да се врати назад во рудникот, да се врати во природната геолошка средина и да имаме буквално нулта емисија на загадувачки флуенси што порано ја загадувале животната средина. Значи можеме тоа да го направиме, можеме да се бориме. Ако ја враќаме назад јаловината и ако ја користиме за друго, да ги пополни површинските копови, ако ја стабилизираме и ги пополнуваме внатрешните откопи и ја враќаме назад, ќе имаме постабилни косини, постабилна геолошка средина, помали емисии, нула емисии на загадувачи.  Исто е и со прашината, можеме многу лесно да ја менаџираме со методи, има методологии со прскање, врзување. Професорите кои се занимаваат со заштита на животната средина тоа многу подобро го знаат. Сигурен сум дека можеме да ги земеме најдобрите практики од европските рудници или рудниците од Австралија која што е репер за регулација на рударството во цел свет.

Како изгледа еден современ рудник?

- Многу е важно да имаме систем за мониторинг. Тој систем за мониторинг алармира. Во најново време користиме сензори коишто се онлајн, што можат да измерат промена на некој параметар и благовремено да алармираат. Значи ако дојде до промена на испуштање, одредени инфлуенсии, вода, сензорите треба да алармираат. Ако имаме емисија на честички во воздух, тие сензори кажуваат и веднаш се преземаат мерки за отстранување на тој тип на загадувач. Го кажувам мониторингот, бидејќи мониторингот во Европа, па и кај нас, веќе почнува да биде јавен. Имаме линк на којшто секој граѓанин може да пристапи и да ја види состојбата во ова време со водите од дренажните води од рудникот, со воздухот во рудникот, со најновите мерења на почвите, на загаденост на почвите. Тоа се процеси што мораме да ги имплементираме, ако сакаме да ја добиеме довербата од граѓаните. Дел од  рудничките компании почнуваат да го имплементираат тоа, на едно почетно ниво. Известувањето на јавноста е многу важно во овој случај, за да имаме доверба, за да се врати довербата. Мораме овие системи за монторинг да ги направиме максимално јавни. Сите рудници работат по интегрирана дозвола која точно дефинира кои параметри треба да се мониторираат, и тоа е ригорозно. Значи може да направите анализа, да видите според рудникот, според типот на експлоатација на минерална суровина, имаат различни  густина на мрежи за мониторирање итн. Тие податоци биле многу малку јавни. Потребно е тие процеси да бидат јавни.

Дали секој рудник во нашата земја има пречистителни станици за отпадните води?

- Поголемите рудници имаат. Имаат третман на водите пред да ги испуштат, колку што знам. Проблемот е со многу малите рудници за експлоатација на неметали, тоа се најчесто карботни минерални суровини, коишто работат, па неработат, спроведуваат или не спроведуваат мерки. Револтот на екологистите е и во таа насока, кон тие наоѓалишта, а кои влијаат пред се со бучава, вибрации и  со прашини. Мислам дека големите компании лесно може да се стават во ред, како и новите инвестиции. Новите потенцијални инвеститори коишто би дошле и би инвестирале во истражување и во отворање на овие минерални суровини лесно можеме да ги ставиме во ред.

До нас ли е проблемот или до инвеститорите кога доаѓаат во земјава и не го работат она што е според стандардите, а ги имаат во другите рудници?

- Секогаш е проблемот до тој што го прави законот, до тој којшто ги диктира законите. Ние имаме држава којашто ги има развиено сите инструменти на контрола на процесите што се случуваат во индустријата, следствено на тоа е и во рударството. Значи, имаме инспекциско тело, имаме и законодавно тело и сите тие инспектори работат на терен. Имаше многу лимитиран број на инспектори, малку се подобрува ситуацијата во таа насока, се вработуваат, но сепак се малку за да можат да ги посетат над 300те концесии за експлоатицаја на минерални суровини кои ги имаме во овој момент во нашата држава. Меѓутоа, ако се направи добар образец, ако се направи добар терк  и ако се почитуваат најдобрите пракси и се бара тие пракси да се имплементираат, можеме да имаме добар модел. Пак ќе речам, го разбираме гневот на екологистите, но мора да разбереме дека ако сакаме да напредуваме, мораме да го користиме нашето минерално богатство. Да работиме заедно. На пример при изработката на Стратегијата се вклучени луѓето од  најважните невладини организации, здруженија коишто се во насока на заштита на животната средина и на зачувување на природата, интензивно се работи на донесување на тој документ. Не е лесно, но, сепак останува да ја подобриме легислативата, да направиме стандарди, да ги земеме најдобрите практики од Европа, да ги имплементираме тука, силен контролен механизам за да ја вратиме довербата и да почнеме да го искористиме нашето природно богатство.

Рековте дека ќе имате истражувања во наредниот период. Колку нашата држава и истражена во делот на минералните и неминералните суровини, а коишто во моментов се актуелни и интересни за светскиот индустриски развој?

- Имавме еден силен импут во 60-тите, 70-тите и 80-тите години од минатиот век којшто  Геолошкиот завод на тогашна Југославија и неговата фирма ќерка - Геолошки завод на Република Македонија изработувале и ги истражувале сите појави. Се знаат кои се појавите, тие појави биле истражувани и врз основа на тие истражувања се отворени рудници. Меѓутоа од 90-тите години наваму, за жал, немаме синхронизиран процес, дури и на основани геолошки истражувања. Го затворивме Геолошкиот завод на почетокот на 2000 година, но за среќа се отвори пред десетина години повторно Геолошкиот завод којшто е одговорен за основните геолошки истражувања. Меѓутоа, факт е дека мораме да алоцираме средства од буџетот кон Геолошкиот завод ако сакаме да знаеме со што располагаме, да се направат детални геолошки истражувања на новите наоѓалишта, на наоѓалишта што се интересни за концептот на критични минерални суровни. И овој концепт на критични минерални суровни за да биде потполен, мораме да знаеме колкава е количината на металични минерални суровини, од тие групи коишто до сега не биле ставени во рамки на некакви посериозни истражувања. Има еден процес, кој се нарекува проспекција на минерални суровини. Тоа е првичен процес, одиме со не многу инвазивни методи, побрзо го поминуваме теренот, собираме информации. Треба да се врати проспекцијата, да се види за оние простори каде што се потенцијалните критични минерални суровини, да имаме сознанија и повеќе податоци. Тоа е скапо, меѓутоа е неопходен во овој период  доколку сакаме да имаме една издржана индустрија која се занимава со екстракција на метали.

Во моментов во земјава кој е металот што го имаме најмногу?

- Во моментот имаме најмногу тоа што најмногу не ни треба, железо, меѓутоа железо се ескплоатирало во минатото. Сега за жал, тие наоѓалишта на железо не се актуелни, не се екплоатираат. Имаме потенцијал и затоа се отворени топилници и железари во Македонија. Најзначаени метали во овој момент што се експлоатирани од нашите руднции се бакарот од  „Бучим“ и оловото и цинкот од „Саса“, „Тораница“, и од „Злетово“. Тоа се трите минерали што се најдоминатни метали, што се застапени. Меѓутоа, не можеме да ги заборавиме и енергетските минерални суровини што и ден денес ги ископуваме и се уште се столб на нашата електрификација или на нашиот гигант ЕСМ. Се уште главната енергија ја добиваме од фосилни горива - јаглен, кои се копаат на неколку места во државата. Се копа јаглен, се копа квалитетен бел мермер на неколку места во Пелагонискиот масив, во околината на Прилеп и Мариово, се копаат квалитетни гранити, мермери, минерални суровини коишто не се толку чести и коишто имаат релативно висока цена. Значи, ако се земат предвид сите оние други минерални суровини што се основа на градежништвото, варовниците за дробен камен, за бетонски агрегати, можеме да кажеме дека имаме доста добра продукција и на неметалични минерални суровни. Ги имаме и порцеланските минерали, цеметната индустрија значи буквално во овие 25.000 километри квадратни имаме голем геодиверзитет, има со што да се пофалиме и во иднина да размислуваме како да ги ставиме во функција на економскиот развој на државата.

РЕК Битола е најголемиот енергетски капацитет. Рековте дека го користиме јагленот. До кога ќе има јаглен во Пелагонискиот регион?

-Во Пелагонија има јаглен, мораме да кажеме, можеби не ни е откриен,  не ни е погоден за експлоатација, меѓутоа се уште вадиме неколку милиони тони јаглен годишно. И се уште имаме, да речам потенцијал да го истражуваме, посебно со отворањето на оние наоѓалишта од Битола кон грчката граница. Тоа е  наоѓалиште Живојно, за коешто е изработена целата потребна документација, добиена дозвола за експлоатација, во фаза е на отворање. Меѓутоа, заклучоците од Коп 26, Коп 27 и лимитирањето на оваа индустрија, не стави во размислување дали треба да се оди во таа насока и дали треба да се инвестира во таа насока. Малку се ставија процесите на истражувања во мирување затоа што првично беше 2030 да ги затвориме. Гледам дека сега во централите има некоја друга приказна после короната дека може уште малку да ги користиме. Сепак тоа се парадигми, за коишто треба малку подлабоки анализи, да се следат и идните случувања во енергетиката па да видиме како ќе се трансформираме од фосилните горива кон овие помалку загадувачки или незагадувачки индустрии како што е изградбата од типот на Чебрен, на гасните централи, на ветерни паркови, на соларни паркови. Значи тоа се се приказни коишто се почнати, се наоѓаат на добар пат и треба да следиме како ќе се одвиват и едноставно да оптимизираме меѓу учеството на тоа што загадува, во однос на тоа што не загадува. Меѓутоа ние се уште базичната енергија се уште ја добиваме од РЕК Битола.

null

Дефицитарни струки се инженерите. Вие едуцирате инженери во областа на рударството, геологијата и заштита на животната средина. Колкав е интересот на младите за овие струки?

- На Факултетот за природно-технички науки, претходно Рударско геолошки факултет имаме пет студентски програми, освен овие трите што ги кажавме - рударство, геологија и заштита на животна средина што ни се традиционални и од 1977 година се актуелни на овие простори. Имаме и други студиски програми, а тоа се дизајн, ентериер мебел и индустриска логистика. Трендовите, за жал, не се позитивни. Инженерството е во слободен пад. Ако ги споредиме бројките што сме ги имале пред 10-15 години со оние што ги имаме сега, можеме да забележиме дека посебно во геологијата и рударстовто се многу намалени.

Колку студенти имате во една генерација?

-Во последната генерација запишани во септември 2023 година имаме седум геолози и осум рудари од коишто одреден дел се вонредни студенти.

Остануваат ли во државата или си заминуваат?

- Ние сме факултет којшто е единствен, значи нема, ајде да речеме, некој голем избор. Кај нас доаѓаат луѓе кои сакаат да се занимаваат со тоа и тука остануваат. Порано многу колеги заминаа во странство, бидјеќи нашите дипломи секогаш биле компатибилни со светските дипломи. Во Австралија се комплетно признати, во Америка дополагаат некој предмет, во Европа се комплетно признати. Меѓутоа, трендот во последно време е компаниите да ги земаат буквално студентите уште пред да дипломираат. Значи тие одат на пракса, се запознаваат со компанијата и тие уште пред да дипломираат почнуваат со еден процес на запознавање и влегување во компанијата во којашто работат. Не само за рударство, геологија и животна средина, и за инженерите, екологистите, студентите по дизајн на ентериер... Буквално јас не познавам некој колега што завршил факултет последните години, а да е без работа. Можеби некои работат во друга струка, меѓутоа тие така сакаат. За тоа дека се плашам дека нема да биде доволен кадарот што го произведуваме за нашата индустрија, говорат и бројките дека компаниите се повеќе и повеќе се заинтересирани да ги стипендираат нашите студенти и тоа доста со добри стипендии коишто се движат и до 10.000 денари на месечно ниво, посебно за насоките рударство и геологија. Порано ретки беа таквите компании. На пример, ЕСМ имаше нивна линија којашто финансираше инженери, електроинженери, машински и рударко-геолошки инженери. Сега почнаа веќе поголемите рудници да оформуваат фондови, да алоцираат средства за да можат да обезбедат кадар којшто во наредните години ќе ја гарантира стабилноста на производството во тие капацитети.

Во изминатиот период имавме сеизмички активности, читавме за неколку помали земјотреси на Балканот. Колку македонското тло е стабилно?

- Ние се наоѓаме во Алпско-химајласката орогенеза и не можеме да кажеме дека сме многу стабилни. Тоа е Југоисточна Европа, преку Турција, Иран, Ирак и Авганистан, таа целата зона е поврзана, Алпите, Динаридите и Хималаите. Така сме поврзани и тектонските плочи не ни се баш наклонети да бидеме мирни и стабилни подрачја. Тука секогаш големо влијание има африканската плоча, каде што заедно со анадолската плоча вршат влијание врз егејската микро плоча, и на тој начин се уште има интензивни движења во подкоровата структура на Земјата. Сведоци сме дека во последно време имаме појава посебно во областа на Штип. Ние не сме навикнати во Штип на релативно стабилно место. Сведоци сме дека минатата година имавме во период од неколку месеци над 50 потреси коишто ги почувствуваме, тоа се потреси со магнитуда над два, два и пол степени, а најакиот беше мислам 3,8 степени. Тоа се послаби земјотреси и ние не сме измериле земјотрес во штипскиот регион повеќе од магнитуда 4,1 - 4.2.Тоа се земјотреси коишто се наоѓаат во плачковичкиот епицентрално подрачје. Настануваат како резултат на интеракција на бучимскиот расад со плачковичкот расад. Сега е мирно или имаме потреси коишто не се чувствуваат. Тоа се потреси од два степени според Рихтеровата скала. Ние знаеме дека во Македонија имало земјотреси,.во тие зони можеме да ги очекуваме и сега. Никој не знае кога ќе се бидат и  никој не знае со кој интензитет ќе бидат. Тоа е не благодарно да зборуваме. Можеме да зборуваме за механизми, можеме да зборуваме за манифестација, можеме да зборуваме за асеизмичка градба, но за предикција на земјотресите, не можеме да зборувам. Остануваат зоните со  највисока сеизмичка активност, се знае крајниот исток, Пехчево, Берово, Делчево, крајниот запад Дебар, тоа се тие две тектонски единици коишто се издвоени со длабински расеви, сите тие работи се  геолошки предиспонирани,.и Исто така Скопската котлина, Валандово и околината на Охрид.

Дали науката е отидена понапред за да предупреди кога ќе има земјотрес?

- Одговорно тврдам дека не постои сигурен метод, којшто ќе предупреди дека ќе има земјотреси. Се трошат милијарди, буквално милијарди долари и евра во зоните коишто имаат интензивен флукс на магнетизам, посебно тоа се зоните во Пацифичкиот ринг, зоните од Камчакта преку Австралија, Нов Зеланд, од другата страна Јужна Америка, па се до Алјаска и Турција. Турција предничи во истражување на тие сеизмички активности. Досега никој не може да каже дека можеме да предвидиме земјотрес. Вулканите веќе почнуваме да ги предвидуваме. Вулканолозите веќе обезбедуваат начини да ја следат вулканската активност со многу модерни геофизички инструменти, меѓутоа за земјотресите, тоа не можам да го кажам. Во скоро време имаше смели изјави и предвидувања, меѓутоа се тоа е во делот на шпекулации.

Новинар: Викторија Јованова

Фото и видео продукција: Борис Куноски и Срѓан Крстиќ

 

 

Остани поврзан