• понеделник, 23 декември 2024

Димитриеска Кочоска за укинатиот заклучок за делницата Гостивар - Букојачани: Во период на техничка влада не може да се носат одлуки за зголемување средства

Димитриеска Кочоска за укинатиот заклучок за делницата Гостивар - Букојачани: Во период на техничка влада не може да се носат одлуки за зголемување средства

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска рече дека министерот за транспорт и врски веројатно ќе соопшти детали околу владината одлука да се укине заклучокот од техничката Влада за делницата Гостивар - Букојачани од Коридорот 8, зашто тоа, како што нагласи, е негов ресор. Сепак е клучно, напомена Димитриеска Кочоска, дека во период на техничка влада не може да се носат одлуки за зголемување средства.

-Клучно е дека во период на техничка влада не може да носат такви одлуки, за зголемување средства. За проект што се уште нема траса е кажано дека требало да поминува низ некој дел кој дополнително ги зголемувал трошоците, имало некаква пештера, требало да се избегне, а трасата не ја знаеме која е. Верувам дека министерот за транспорт ќе сподели подетални информации, не би сакала да завлегувам повеќе во тој дел, истакна Димитриеска Кочоска на прес-конференција во Владата, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за ребалансот на Буџетот.

Според неа, министерот за транспорт континуирано комуницирал со таа и со сите други компании со кои се почнати проекти за да види дали ќе има реализација или не, зашто „само се резервираат средства кои понатаму не се реализираат“.

Владата денеска соопшти дека на вчерашната седница донесе Одлука за укинување на Заклучокот на претходната техничка Влада со кој се предизвикува фискални импликации за реализација на Проектот за изведба на автопатот Коридор 8, Делница 2: Гостивар - Букојчани од дополнителни 252.699.474 евра, кои не се планирани и обезбедени во Буџетот, ниту се економски исплатливи, информираат денеска од владината прес-служба. Од Владата најавија и дека за овој заклучок ќе биде известено и Основното јавно обвинителство. мч/дма/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан