• петок, 05 декември 2025

Димитриеска-Кочоска: Фокусот да ни биде вложување во училишниот спорт

Димитриеска-Кочоска: Фокусот да ни биде вложување во училишниот спорт

Скопје, 10 септември 2025 (МИА) – Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ги повикаа компаниите во нашата држава повеќе да вложуваат во спортот.

Таа учествуваше во панелот „Спонзорства во спортот: Како до профитабилни партнерства“ во рамките на денешниот „Регионален спортски самит - Скопје 2025“.

- Ако сакаме да имаме економија, мораме да имаме здрава нација, дисциплинирана и победнички настроена. Вакви карактеристики имаат спортистите. Затоа треба да вложуваме многу во училишниот спорт и да овозможиме секое дете да има пристап до спортот. Ова е еден од нашите приоритети и во иднина фокусот и на Владата и на Министерството за спорт ќе биде таму. Навиките кои тие деца ќе ги стекнат од нив ќе создадат добри граѓани и потенцијал за компаниите да добијат квалитетни работници.
Јас како министер за финансии давам голема поддршка за спортот, а доказ за тоа е буџетот на Министерството за спорт (претходно Агенцијата за млади и спорт) од околу 300 милиони денари, во 2023 околу 550 милиони долари, на 1,2 милијари денари за 2025 година, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Додаде дека се подготвуваат и законски измени во насока за подобрување на условите околу вложувања и спонзорства за спортот.

Скопје денес е домаќин на првиот Регионален спортски самит под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“.

На самитот меѓу другите присуствуваат и министрите за спорт на Република Србија, Зоран Гајиќ, на Црна Гора, Драгослав Шќекиќ, како и домаќинот, министерот за спорт на Македонија, Борко Ристовски. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан