• среда, 27 ноември 2024

Димитриевски: Притисоците се интензивираат, дополнително ме мотивираат да го демонтираме овој режимски систем

Димитриевски:  Притисоците се интензивираат, дополнително ме мотивираат да го демонтираме овој режимски систем

Куманово, 8 април 2024 (МИА) - Градоначалникот на општина Куманово и кандидат за претседател  од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска на социјалните мрежи објави дека добил покана да се јави во обвинителството бидејќи е обвинет за кривично дело „неизвршување на судска одлука“.

Од ЈОРСМ за МИА информираат дека не станува збор за обвинение, туку е истрага за поднесена кривична пријава од физичко лице за неизвршување на судска одлука и Димитриевски е повикан на распит.

Димитриевски обвини за притисоци.

- Притисоците не престануваат, туку како и што очекував се интензивираат. Ваквите постапки не ме обесхрабруваат, туку дополнително ме мотивираат да го демонтираме овој режимски систем. Ќе има и правда, а ќе има и мир, а непристрасните професионалци ќе добијат шанса да изградат и правен и функционален државен систем, објави Димитриевски на неговиот фејсбук профил.

Претходната недела во Основниот суд се одржа прво рочиште против Димитриевски, за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од две кумановските градежни фирми. ам/цр


Фото: МИА архива

Остани поврзан