Димитриевски: ЗНАМ го поддржува премиерот дека Македонија не може да прави веќе отстапки на патот кон ЕУ
- Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски е на иста линија со премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија нема да прави повеќе отстапки на патот за членство во Европската унија, затоа што досега направила отстапки како ниту една друга држава во ЕУ. за ова прашање, вели тој премиерот има целосна поддршка од ЗНАМ.
Скопје, 14 декември 2024 (МИА) - Лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски е на иста линија со премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија нема да прави повеќе отстапки на патот за членство во Европската унија, затоа што досега направила отстапки како ниту една друга држава во ЕУ. За ова прашање, вели тој, премиерот има целосна поддршка од ЗНАМ.
- Џабе ми е мене како Македонец било какво членство во меѓунбародна организација ако јас не се чуствувам во тој момент ништо помалку од Македонец. Секој Македонец кој ќе биде соочен со ова прашање во текот на евроинтегративниот процес ќе ви каже не, доколку треба да се погази нашиот идентитет, култура и континуитет, рече Димитриевски во одговор на новинарско прашање по прославата на едногодишнината од формирањето на ЗНАМ.
Во врска со информациите дека министерката за надворешни и европски работи на Словенија, рекла оти Словенија и Германија подготвиле нон-пејпер кој предвидува дека во претпристапниот процес на Европската унија нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања, Димитриевски рече дека поддржува вакви и слични иницијативи кои ќе се вратат на основите на формирањето на Унијата.
- Поддржувам силно вакви иницијативи. Всушност таквите барања се во духот на Шуман и Моне како елементарна матрица за основање на ЕУ бидејќи тоа е идејата на Унијата да се заштитат помалите во однос на поголемите. За жал во моментов согласно поставеноста и постоечките правила во ЕУ секогаш поголемите ги користат моментите како членки на ЕУ да ги решат билатералните прашања. Нашето прашање со Бугарија е отворено и наметнато од една страна, тоа е нивната страна и во континуитет негациите доаѓаат оттаму, рече Димитриевски.
Тој додаде дека во моментот на прифаќање на таканаречениот француски предлог земјава де факто разговара и преговара со ЕУ.
-Сметам дека не може еден таков систем како Унијата кој треба да ги штити интересите на малите да преговара за еден билатерален спор. Мора да се вратиме назад или да замижиме и да продолжиме напред, но да ги зачуваме нашите национални интереси, рече Димитриевски.
Во врска со Националната платформа за македонско национално единство што ќе ја претстави утре и ќе ја понуди на сите политички парии тој истакна дека очекува сите да ја разгледаат и прифатат во целост до сите бидејќи, како што рече, таа ќе биде добра за сите кои живеат во државата.
-На Македонецот ваквата иницијатива ќе му овозможи да не се чуствува како граѓанин од втор ред, бидејќи македонскиот народ де факто ја создаде Македонија заедно со останатите делови од народи кои живеат на овие простири, како што во Уставот се нарекуваат етнички заедници, рече Димитриевски.
Не очекува дестабилизација на државата, иако, како што нагласи, има обиди пред се поради тоа што ДУИ не може да се соочи со реалноста дека не е составен дел на мнозинството.
-За мене ова е разбирливо се игра со политичкиот простор и со граѓаните на национални теми. За нас Охридскиот рамковен договор е во целост исцрпен и реализиран и тука нема што повеќе да се дискутира, рече тој и додаде дека како држава не може и не смее да бидеме заложници на старите навики за континуирана дестабилизација во моменти кога некој политички субјект не е задоволен каде е позициониран.
Смета дека во однос на ова прашање и кој политички субјект колку има доверба и како е позиционирана ќе биде уште појасно по претстојните локални избори. сст/цр
Фото: ЗНАМ