• среда, 25 декември 2024

Димитриевски за МИА: Потребно ни е редефинирање на општеството, кое ќе им служи на сите граѓани, а не само на политичките елити

Димитриевски за МИА: Потребно ни е редефинирање на општеството, кое ќе им служи на сите граѓани, а не само на политичките елити

Скопје, 6 април 2024 (МИА) - Претседателски кандидат на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски смета дека земјава минува низ лоши процеси, а суштинските промени не се случуваат сами од себеси, туку мора да бидат поттикнати. Затоа тој одлучил како нов политички субјект, со неговите истомисленици да влезе во борба со цел државата да добие татко на нацијата, човек којшто ќе го обедини македонскиот народ и сите граѓани на Македонија. Тој во интервју за МИА нагласува дека  е лесно да се седи настрана и оти тој сака да придонесе за промени во општеството, бидејќи, како што вели, во моментов тоа е креирано наменски да им служи на политичките елити, кои владеат 30 години.

-Мислам дека многу е лесно да седите од страна да ги набљудувате овие лоши процеси низ коишто поминува Македонија и едноставно решив да излезам од комфорната зона и директно да се вклучам во борбата. Суштинските промени во државата не се случуваат сами од себеси, туку мора да ги поттикнете. Направивме сондажи и анализи и влеговме како нов политички субјект, заедно јас со сите тие мои истомисленици во оваа борба да дојдеме до состојба Македонија да добие татко на нацијата. Првенствено, човек којшто ќе ја обедини нацијата, ќе го обедини македонскиот народ, ќе ги обедини сите граѓани на Македонија, ќе им ја врати самодовербата и ќе им каже на граѓаните дека не се сами, дека има човек кој својот мандат го црпи од нивните гласови, како битна функција во државата без разлика што сите политички елити ја маргинализираат. Сепак, претседател на државата е татко на нацијата и тој може со своето делување да ја врати тежината на граѓаните, бидејќи во моментов ние живееме во едно општество кое што е креирано наменски да им служи на политичките елити кои 30 години веќе го владеат, вели Димитриевски на прашањето што беше пресудно да се реши да станете кандидат за шеф на државата.

Во однос на надлежностите на Претседателот согласно Уставот и законите, најавува дека доколку биде избран за претседател ќе се заложи за директна соработка со МНР и предност да ќе даде на дипломатите од кариера за поуспешно претставување и позиционирање на државата надвор од границите, на меѓународен план. Во делот на дипломатијата, државата има потреба од професионална дипломатија, вели Димитриевски, бидејќи според него, политизацијата на дипломатијата во моментов го урнисала нашето Министерство за надворешни работи.

-Ние до вчера немавме дипломати во суштинските држави партнери на нашата држава и затоа сметам дека мора да се даде можност на реалните и професионални дипломати од кариера да дојдат во позиција да ја претставуваат професионално Македонија надвор. Дополнително министерот за надворешни работи мора интензивно да соработува со претседателот, оценува Димитриевски.

Смета дека е потребна суштинска ревизија во правосудната сфера, која, како што нагласува, не подразбира ветинг, туку филтрација во областа со цел постигнување независност и професионалност во работата на правосудните органи.

-Владеење на правото оди низ независната власт, а тоа е правосудството и обвинителството и тука има битна улога со избор т.е. давање на предлози за судии во Уставниот суд и дополнително свои предлози за Републичкиот судски совет којшто всушност е главниот орган којшто треба и да ја направи суштинската ревизија во правосудството со дополнителни тела, советодавни, во кои ќе учествуваат луѓе од теории и пракса од правосудството. Бидејќи на Македонија не ѝ е потребен ветинг, туку и е потребна една филтрација во правосудството за да дојдеме до едно професионално и независно правосудство кое во моментов е и тоа како исполитизирано и за жал голем број од судските одлуки се со политички мотив, смета претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ.

Дополнително, во оваа насока тој посочува на борбата против криминалот и корупцијата коишто, смета, интензивно се во пораст. Вели, сите зборуваат за него, никој не го решава. За да се сузбие и кога ќе се сузбие истиот дополнително, смета тој, ќе се охрабри нашиот народ да почне да верува во институциите на системот.

-Ние во континуитет само зборуваме за корупција, а вие де факто немате ниту еден човек сериозно да одговара особено од редовите на албанскиот политички партнер во власта за корупција или такви кривични дела. До сега сето она што се случуваше во континуитет гледаме само една реприза како едните доаѓаат, другите си заминуваат и после четири или осум години, повторно се враќаат истите и владеат потполно исто, но секогаш многу полошо. Мора да се воведат нови стандарди во имплементацијата на власта, враќање на довербата на граѓаните, а токму претседателот на државата кој доаѓа од нов политички субјект, којшто беше формиран пред неколку месеци и се уште не е исполитизиран до тоа ниво, може да ја врати таа независност на граѓаните во делот на претставување на граѓаните. Затоа, сметам дека јас сум вистинскиот граѓански кандидат и ќе го дадам својот максимум за да ги убедам граѓанитe дека со мојот избор всушност ќе ја направат и вистинската одлука за државата која може да го обедини македонскиот народ, а не да го дели по секој основ, првенствено по политички, вели Димитриевски.

Меѓу неговите заложби во делот на одбраната е зголемување на буџетот на Армијата со цел таа да биде подготвена, како што вели, да се справи со непријателите и внатрешните и тие од надвор. Државата вели се брани со народ, па затоа, доколку ја добие довербата од гласачите, во својство на Врховен командант, ќе се заложи за законска обврска со која секој граѓанин особено младите, машката популација да помине предвојничка обука.

- Армијата мора секогаш да биде подготвена, дополнително да биде добро опремена, да се зголеми буџетот на Армијата. Ние сме членка на НАТО, тоа ни гарантира безбедност од надвор, но дополнително мора да ја обезбедиме и безбедноста од внатрешните закани и од сите други интереси коишто не ни мислат добро, а доаѓаат од надвор. Затоа, ќе предложам едно законско решение со кое што ќе се воведе секој граѓанин на Македонија, особено младите, машката популација да помине некој вид на предвојничка обука за да имаме оспособени воено млади луѓе. Државата се брани со народ и со дополнително опремување и со паметна меѓународна политика вон границите на државата и создавање на добри партнерски односи, првично во регионот со сите наши соседи, а дополнително и со државите земји членки на НАТО и Европската унија, вели Димитриевски.

Црвени линии од кои нема отстапување кога е во прашање стратешкиот приоритет – членството во ЕУ, вели се зачувување на достоинството на народот и консолидација преку градење национално единство и консензус за виталните национални интереси.

-Ние како Македонци и како Македонија треба да влеземе во Европската унија со крената глава а не со свиткана кичма. Тоа значи дека ние сакаме да бидеме членови на Европската унија поради вредностите на ЕУ, а тоа се заштита на интересите на малите во однос на големите. Недозволиво е држави членки на Европската унија преку нашиот процес за евроинтеграции да ги решаваат нивните билатерални самонаметнати проблеми до нас, бидејќи имаме адресирано такви проблеми. И затоа е неопходна консолидација на македонскиот народ за да бидеме многу посериозно сфатени во меѓународната задница, бидејќи вака поделени по политички основ дополнително оставаме простор дека сме многу послаби и не можеме да ги решаваме тие проблеми. Кога ќе покажеме еден вид на национално единство и консензус по сите тие прашања дека Македонецот е Македонец во континуитет, а не како што некои тврдат од 1945 година, дека македонскиот јазик е посебен јазик, имаме наша историја која што ја граделе нашите предци, бидејќи оваа држава е резултат првенствено на македонскиот народ којшто живеел на овие простори потпомогнат од сите останати етнички заедници или делови на народи коишто живеат на овие простори. Да чекавме на други, ние немаше да имаме независна држава. И токму тука е тој национален концепт, подвлекува Димитриевски.

На прашањето дали во сегашните политички околности функцијата претседател може да биде кохезивниот елемент во општеството и како ќе ја постигне таа кохезивност, тој укажува на правото на употреба на вето од страна на Претседателот за закони со коiшто не се согласни граѓаните.

Доколку тој бил претседател никогаш немал да ги потпише измените на Кривичниот законик, со кој како што вели се дала сеопшта амнестија на оваа и на сите претходни власти.

-Доколку бев претседател никогаш немаше да помине фамозниот Казнен закон со којшто дојде до самоамнестија на актуелната политичка елита која што е на власт, на идната и дополнително на тие коишто претходно беа на власт, бидејќи сведоци сме и гледаме како голем број кривични дела, особено од Законот од членот 353 „злоупотреба на службена должност и овластувања“ застаруваат во моментот поради фамозниот Закон. За овој Закон покрај власта, СДСМ и ДУИ дополнително кворум обезбеди и опозицијата што значи имаме ние договор. Во таа состојба, граѓаните не се согласуваат со овој закон беше потребно од страна на претседателот да го врати и јас тоа никогаш нема да го дозволам да граѓаните не се согласуваат со одредена одлука, а да помине одредено законско решение. Доколку по втор пат претставничкиот дом – Парламентот донесе таква одлука, нормално јас тоа ќе го почитувам, но граѓаните на крајот на денот ќе судат по однос на исправноста на сите тие одлуки. На тој начин и ќе се врати самодовербата, делумно кај граѓаните бидејќи ќе гледаат дека некој од позиција Претседател ги штити нивните интереси директно со конкретни решенија, дециден е Димитриевски.

Во однос на неговите заложби за градење вистински соживот, а не, како што вели, биетничко општество, тој подвлекува дека патот да се постигне мултиетничко општество е примерот што го градат во Куманово. Но се соочуваат вели и со огромна опструкција од политичките репрезенти на политичките партии.

-Во мојот кабинет ги има знамињата на сите етнички заедници во Куманово па дури и на бугарската заедница иако не е признаена, бидејќи се наоѓа во графата во Уставот „други“ и сите тие коишто живеат во Куманово се граѓани од прв ред и имаат еднакви права и можности. Општината работи и гради за сите подеднакво во сите делови на градот без разлика која етничка заедница живее во кој дел на градот, но дополнително најголемиот проблем е што нам децата ни се поделени од прво одделение и не се разбираат веќе помеѓу себе на улица кога се среќаваат. Младите генерации, некогаш Македонците и Албанците говорат на англиски што е погубно, а од друга страна ние зборуваме за мултиетничко општество, вели тој.

Според него, во континуитет албанските политички субјекти се обидуваат да наметнат теза за мултиетничка држава, а всушност создаваат еден феномен кој што се вика биетничко општество.

-Македонија не е општество на Македонците и Албанците и останатите, туку е општество на сите нејзини граѓани вклучувајќи го македонскиот народ и сите етнички заедници Албанците, Србите, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците, Црногорците и сите оние коишто се во графата „други“ бидејќи се подеднакво граѓани. Сметам дека треба да се дадат еднакви права и еднакви можности на сите етнички заедници, а особено во делот на културната независност на сите тие етнички заедници, затоа што, на пример, ние во општина Куманово во Советот, покрај македонскиот и албанскиот јазик, со одлука на Советот ги говориме и другите т.е. ги употребуваат членовите на Советот и другите јазици на етничките заедници во овој случај и ромскиот и српскиот јазик и со тоа се постигнува повисоко ниво на еднаквост, подвлекува Димитриевски.

Прашан дали може да има некакво влијание врз неговата кампања за претседателските избори обвинението што беше покренато против него поради злоупотреба на службена положба и овластување, Димитриевски вели дека е уморен од такви обвиненија бидејќи тоа се случило и на претходните локални избори и за време на првиот мандат како градоначалник на Куманово. Смета дека се тоа политички монтирани процеси каде одредени лица од лични интереси, а кои се блиски со политичката елита која е на власт или со поединци политичари, се обидуваат да извршат различни форми на притисок и „да нанесат одредена штета во јавноста, а дополнително и да ме заплашат“.

-Јас најодговорно тврдам дека ваквите постапки кај мене немаат никаков ефект, дури повеќе ме охрабруваат да се борам за сопствените ставови, мои и ставовите на мојот тим и луѓето коишто веруваат во мене. На крајот на краиштата ќе има овој случај епилог како и сите други коишто беа претходно и на крајот ќе заврши дефинитивно со ослободителна пресуда доколку има право и правна држава. Во спротивно ќе видиме, но ќе оставам на институциите на системот да решаваат, бидејќи таму има и луѓе професионалци. Но, зошто во овој момент - ете јавноста нека суди, многу слично на тоа што се случуваше на локалните избори кога беа инволвирани и полициски органи и тела и поединци и обвинители итн. Не е прв пат за мене, ова е дополнителен мотив да продолжам на мојот пат, вели Димитриевски.

На избирачкото ливче неговото име е под број 7, а она што треба да ги мотивира гласачи да го заокружат овој број, според Димитриевски е неговата принципиелност, интегритет и карактер. 

-Сметам дека Македонија заслужува да има човек којшто има став, принципи, интегритет и карактер. Дополнително Македонија заслужува да има вистински татко на нацијата којшто не секогаш ќе прави компромиси на штета на сопствениот народ и сопствената држава и да ја претставува државата соодветно така како што е. Правично, мудро, осмислено од страна на еден сериозен совет којшто би го нарекле „совет на старци“ во консултација со нив во една апсолутна кохабитација со останатите субјекти коишто се на власт во тој момент секогаш почитувајќи ја и опозицијата и дополнително секогаш носејќи ги одлуките коишто се исклучиво од интерес национален и државен на Македонија, македонскиот народ и сите граѓани коишто живеат во оваа држава, а не во интерес на политичките договори и сплетки коишто во континуитет, за жал се користат како метод за изнаоѓање на соодветни решенија, смета Димитриевски.

Недозволиво е, додава, претседателот на државата по едно исто прашање да има еден одговор првпат кој што ви вели отфрли го францускиот предлог, не го прифаќај, а седум дена потоа да излезе и да каже јас бев креатор на францускиот предлог или јас директно учествував во негово изготвување.

-Вашиот карактер како претседател на држава суштински го отсликува и карактерот на државата и на народот којшто живее во неа. Сметам дека ние Македонците сме првенствено горди луѓе независни, никогаш не сме зависеле во историјата од никого. Затоа и сме создале сопствена држава, едноставно сме како пир – никнува и после 100 години, мудри сме, вредни сме, имаме и треба да ја одржиме оваа држава која што ја создадоа нашите предци. Токму таков профил на претседател ќе има Македонија доколку мене ме избере за следен татко на нацијата, вели тој.

Во однос на францускиот предлог, и уставните измени, Димитриевски смета дека тие се можни на база на реципроцитет и да се спроведат од моментот на стапување во полноправно ЕУ членство, заради самозаштита од нови, дополнителни барања од Софија.

-Па јас решение на ова прашање дадов, досега ние како политички субјект т.е. во тој момент како здружение на граѓани понудивме три решенија. Еве ќе го апострофирам сега само последното решение кое што сметам дека го дадов некаде јуни, еден ден пред фамозната лидерска средба каде што потоа како плагијат нашето решение беше претставено од лидерот на опозицијата. Македонија треба да ги прифати сите во својот Устав на база на реципроцитет, но дополнително истите уставни измени да се спроведат во целост од моментот кога Македонија ќе биде полноправна членка на Европската унија. Зошто? За да се самозаштитиме себеси од дополнителни барања што можат да дојдат од Софија кон нас и да бидат упатени во текот на преговорите, бидејќи сепак треба да исполниме и голем број поглавја коишто Европска унија ќе ги бара, наведува Димитриевски.

Смета дека перспективата за влез во ЕУ во 2030 година е манипулација со јавноста, поради постојното ниво на корупција и кримал и на политизација на институции на системот. Без владеење на право и со сите аномалии коишто ги има земјата и општеството, вели, нема да бидеме членка уште долг временски период.

-Ние мора првично да си ги засукаме ракавите, да си ги решиме проблемите однатре, да ја трансформираме Македонија во самоодржлива држава, да ги искористиме сите наши национални ресурси и капацитети и во делот на земјоделието и во делот на природните богатства коишто ги имаме наместо да ни се осипуваат и пљачкосуваат од страна на разно разни концесионери од сето тоа и народот и државата има дополнителен бенефит да направиме фискализација на државата подеднакво во сите нејзини делови, бидејќи во моментов имате фискализација само во одредени делови, додека во други делови немате во целост, да ги приберете парите, да ја направите Македонија финансиска стабилна, да ги поништите сите штетни финансиски договори особено за стратешки инвестиции со сите тие концесионери како што е случајот со Коридорот 8 и многу други вакви проекти и да се фатиме за работа и да ја направиме самоодржлива. Дури тогаш во Европската унија ние ќе бидеме посакувани сериозно да станеме час поскоро земја-членка, вели тој.

Тој очекува фер и демократски избори и влез во вториот круг од претседателските избори, но укажува и на нерамноправниот пристат до платеното политичко рекламирање за помалите партии.

-Првично очекувам од претседателските избори да бидат фер и демократски. Дали тоа ќе се случи со оглед дека имаме фамозен закон којшто дава огромна предност во претставување во медиумите на сите останати кандидати и кандидати за претседател, а и кандидатски листи за пртеници - Законот е така направен, сите средства коишто ги финансира државата завршуваат кај големите партии, ние малите сме хендикепирани. Каква кампања ќе имаме? Јас ќе водам позитивна кампања, а каква ќе водат останатите кандидати ќе видиме. Посакувам првично да имаме среќни и демократски избори. Верувам дека јас како кандидат ќе бидам евидентиран од страна на граѓаните и ќе бидам поддржан да влезам во вториот круг и да ја извојувам најголемата победа во историјата на оваа држава како претседател, рече Димитриевски.

За тоа дали би ги насочил своите поддржувачи и членството да поддржат друг кандидат доколку не влезе во вториот круг, Димитриевски вели дека е демократ по убедување, но ниту како човек, ниту како политичар нема право да тргува со гласови и дека нема да влегува во никаков процес на насочување, оти тоа е нивно уставно право и нивна одлука. 

Виолета Геров

Фото: МИА

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ

Остани поврзан