• четврток, 26 декември 2024

Димитриевски: До Oпштина Куманово нема пристигнато барање за градење меморијални комплекси, спомен обележја за ниту една локација

Димитриевски: До Oпштина Куманово нема пристигнато барање за градење меморијални комплекси, спомен обележја за ниту една локација

Куманово, 6 ноември 2023 (МИА) - До Oпштина Куманово не пристигнало никакво официјално барање за поставување на Меморијален центар, спомен облежје или каков било споменик на подрачјето на општината, изјави за МИА кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Тој побарал и вонреден инспекциски надзор. За поставувањето на музејот на УЧК, Димитриевски дознал од медиумите.

- Нема никакво барање пристигнато до Oпштина Куманово за поставување на спомен-плоча, спомен обележје, меморијални центри или каков било тип на ваков објект од кого било. Јас дознав за оваа информација преку медиумите. Веднаш утрово побарав да се изврши вонреден инспекциски надзор од страна на градежна инспекција на посочената локација и во текот на денот, најдоцна утре треба да добијам официјална информација од надлежните инспекциски служби. Ние како општина ќе постапиме во согласност со нашите законски овластувања и првично доколку се работи за какви  било пречекорување на градба или дивоградба ќе дадеме налог да се отстрани од страна на инвеститорот во спротивно ќе поведеме постапка за извршување, изјави Димитриевски.

Загрижувачки за него е што таквиот објект го пуштаат високи претставници на ДУИ, што според него не оди во насока на градење на добри мултиетничко општество. Тој ги прозва и парнерите во власта СДСМ за кои кажа дека дозволуваат вакви однесувања.

- Многу повеќе ме загрижува дека тоа беше направено, помпезно од високи претставници на ДУИ и дефинитивно не оди во насока на градење на мултиетничко општество. Ова го потврдува самовластието на партнерите во власта ДУИ коишто повеќе од 20 години се однесуваат така. За нив, за жал, законите не важат. Наместо да бидат тие што ќе ги почитуваат, тие се првите коишто не ги почитуваат и се ставаат себе си над законот, а од друга страна нивниот партнер во власта, а тоа е раководството на СДСМ молчи на сите вакви појави во општеството и час поскоро сето ова треба да запре, да се промени оваа неодговорна власт. Да почнеме да градиме заедничка иднина, а не да се делиме по етнички или други основи со вакви еднострани и незаконски чинови, изјави Димитриевски. ам/дма/


Фото: Општина Куманово

Остани поврзан