• вторник, 24 декември 2024

Димитриевски: Да се намали бројот на пратеници, да се укине апанажата, јавниот обвинител да го предлага опозицијата

Димитриевски: Да се намали бројот на пратеници, да се укине апанажата, јавниот обвинител да го предлага опозицијата

Скопје, 11 април 2024 (МИА) – На Македонија и треба претседател пред се со интегритет, со став, со карактер и со принципи, со кои ги штити националните, државните интереси и пред се граѓаните, бидејќи оваа држава во своето минато ретко кога можело да забележи дека еден претседател се одважил да каже „не“ на политичкиот субјект што го предложил или на политичкото мнозинство. Претседателот треба да биде олицетворение на секој граѓанин.

Ова го нагласи претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ за наша Македонија, Максим Димитриевски, вечерва во Топ Тема на Телма телевизија и ги повика граѓаните на 24-ти масовно да да излезат на избори.

- Изборот е ваш. Токму вие сте тие кои ќе ја одлучите судбината на Македонија, Сметам дека со масовниот одѕив првенствено ќе кажете не на политичката елита која што 30 години манипулира со сите нас во државата. И дополнително ќе внесете една нова свежина на политичкиот простор која ќе отпочне секојдневно посветено да работи на решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, им се обрати Димитриевски на граѓаните.

На прашањето со кого би сакал да се соочи во вториот круг, тој изрази уверување дека ќе успее да влезе во вториот круг и дека, како што нагласи, ќе го победи кој било друг противкандидат.

- ЗНАМ ќе биде еден од главните фактори на следната политичка сцена, која овие ставови што јас ќе ги застапувам апсолутно нема да ги промени во ниту еден момент, потенцира тој.

Во врска со можноста дијаспората да гласа, ставот на Димитриевски е дека секој што поседува македонски пасош, документ, македонско државјанство треба да има можност да го оствари своето право на глас, без разлика каде и да се наоѓа во светот.

Дали е за укинување на патните трошоци за пратенциите и апанажата на функционерите, Димитриевски дефинитивно е за укинување на апанажата, е за исплата на реални патни трошоци, а не, рече, на фингирани патни трошоци. 

- Што се однесува до бројот на пратениците не само што сметам дека треба да се намали бројот на пратениците во Парламентот, туку дополнително да се изедначи гласот во Македонија на секој граѓанин, бидејќи со овој модел не е така. И Македонија треба да стане една изборна единица, да се укинат одредени министерства коишто трошат многу пари особено на продуктивни трошоци на крајот на годината, а тоа прочитајте го значи исто, трансферирање или перење пари, истакна претседателскиот кандидат на „ЗНАМ“.

На новинарско прашање дали црковно верските заедници би требало да плаќаат данок, според него сите треба да плаќаат данок без разлика кој е регистриран како правен субјект.

Димитриевски не е за либерализација на користење на марихуана затоа што, како што посочи, сметаат дека марихуаната е дрога и без разлика на сите обиди знаејќи дека тука се вртат многу пари сметам дека ќе биде штетна помладите генерации.

Димитриевски говореше и за јакнењето на партнерството во НАТО и за членството на нашата држава во ЕУ. Според него, се немаме поместено напред ниту еден милиметар во однос на преговарачкиот процес и сите ветувања, како што рече, дека Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ до 2030 година се чиста манипулација со јавноста, бидејќи пред да влеземе треба да исполнеме 35 поглавја поединечно. 

Го повтори решението што го нуди, а тоа е влез на Бугарите и на останатите етнички заедници во Уставот, но со пролонгирано дејство на амандманите од Уставот и нивно важење и внесување во Уставот од моментот кога Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ, со цел, потенцира меѓу другото Димитриевски, да се самозаштитиме од други барања и дополнително да добиеме други гаранции.

- Никој не сака отворено да каже дека македонскиот јазик и прашањето за јазикот ќе се разговара како претпоследно поглавје што мора да го затвориме како држава апликант за полноправно членство во ЕУ. Тогаш многу е битно да стои македонски јазик, со што бугарската страна согласно ваквата декларација никогаш нема да го прифати, рече Димитриевски.

Најави дека „ЗНАМ“ како политички субјект и по претседателските и по парламентарните избори ќе понудат документ што ќе ги дефинира сите национални прашања на македонскиот народ првенствено, бидејќи, подвлече, македонскиот народ е базата што ја создава оваа независна Македонија. 

- Ќе побараме подоцна постигнување национален консензус кај Македонците поддршка и од останатите етнички заедници, пред се мислејќи на претставниците на албанскиот политички блок бидејќи мора да имаат разбирање за нас како народ, рече меѓу другото тој. 

Во однос на неговата програма како кандидат за претседател, Димитриевски истакна дека неговата програма е кратка, јасна и децидна, со конкретни решенија и рокови, за најсуштинските прашања што ја засегаат Македонија во моментот. 

На прашањето кои се трите клучни елементи што го прават различни од другите кандидати, Димитриевски потенцира дека има пет принципи, пет конкретни начела што ќе се реализираат од позиција на еден претседател во целост.

- Битно за Македонија е првенствено да биде своја на своето. Македонците како што биле Македонци во континуитет да бидат, да влезат во големото европско семејство бидејќи тоа е наша стратегија и план на усогласена национална и дополнително да издејствуваме да имаме само одржлива држава што нема да зависи од други, ќе зависи од самата себеси. Да се врати правдата и мирот за сите, неказнивоста да се искорени, да се избориме против корупцијата и криминалот во целост со една нова стратегија што ја нудам, со конкретен рок и секако да ги зајакнеме нашите одбранбени капацитети како врховен командант и дополнително да си го оспособиме населението да биде воено способно. На зајакнување на дипломатија меѓународната политика, меѓународните односи, креирање на професионална дипломатија, појасни претседателскиот кандидат Димитриевски. 

Во врска со можноста за враќање на воениот рок, Димитриевски вели дека не е за враќање на воениот рок.

- Ние имаме мала професионална армија, но добро и корисно би било бидејќи живееме на битна геостратешка точка да имаме воено оспособена младина и може да се воведе како некој тип на предвојничка обука, што дополнително ќе се користи за зближување на младите луѓе, особено од различните етнички заедници, истакна Димитриевски, кандидатот за претседател на „ЗНАМ“. 

Меѓу другото, Димитриевски смета дека јавниот обвинител треба да го предлага опозицијата и да се бира со двотретинско мнозинство и да биде независен во својата работа, но дополнително, како што рече, и да се сузбие стратешки корупцијата со формирање специјално тело преку стратегија што ќе ги детектира суштинските коруптивни точки во државата од каде тоа идат парите. - Ако ги следите парите и текот на парите, тиочно ќе видиете каде е корупцијата, рече вечерва на Топ тема, претседателскиот кандидат на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски. цр/лв/

Фото: принтскрин

 

Остани поврзан