• вторник, 24 декември 2024

Димитриевски: Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато, „Вреди“ собира евтини политички поени

Димитриевски: Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато, „Вреди“ собира евтини политички поени

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - „Вреди“ собира евтини политички поени и се обидува да го копира ДУИ за да му се додвори на албанскиот електорат. Но, тоа се погрешни политики. Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато. Треба да се насочиме кон економијата, да поставиме систем на владеење, да се знае ред согласно законот и тоа да го почитуваме сите. Граѓаните не плаќаат за да обезбедиме подобри услови за живот, оцени вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Во дневникот на ТВ Сител, Димитриевски порача дека владината коалиција функционира, но има различни ставови, особено по националните прашања кои доаѓаат од „Вреди“. Долгорочна соработка е можна, подвлече, само ако се почитуваат законите кои треба да важат еднакво за сите.

Според Димитриевски, општо неприфатливо и недозволиво е да се формираат други академии во земјава, освен МАНУ.

-Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато, треба да дојде време на квалитетот, а квантитетот што доаѓа од политичките субјекти да биде сузбиен. Нашата намера е да работиме на деполитизација на системот, но дополнително и да го спроведуваме законот, а не да го толкуваме. Нашиот министер за администрација го цитираше законот, а законот е јасен, дека се пресметува согласно процентот на населението кое живее во Македонија. Ние ќе бараме почитување и на законот за истакнување на одбележјата или знамињата на етничките заедници. Владината коалиција функционира, но факт е дека има различни ставови, особено по националните прашања  кои доаѓаат од нашиот коалициски партнет „Вреди“ со кој ние и немаме реално потпишано коалиција, туку имаме потпишано договор за Влада, односно поддршка на владината програма. Факт е дека собираат евтини политички поени на таа тема кај својот електорат, мислејќи дека ќе излезат поголеми патриоти од оние кои претходно беа. Всушност, се враќаат на принципот на ДУИ-зација кој за нас е минато или барем мислиме дека е минато, но како и да е, секогаш ќе ги корегираме и ќе ги носиме нашите одлуки согласно моментумот, објасни Димитриевски во врска со Балансерот.  

На прашањето дали откако почна да функционира владината коалција разговарал со некој од лидерите на „Вреди“, одговори дека досега немало официјална лидерска средба.

-Лично не сум поборник на таквите лидерски средби зашто сметам дека во таков случај треба да присуствуваат сите. Верувам дека ќе имаме можност да ги разговараме и овие теми. Сето ова го доживувам како постизборен момент во кој одредени владини партнери се обидуваат на политикантство да добијат дополнитлене рејтинг во јавност, особено кај лабанскиот електорат. Ги отфрлам сите обвинувања, јас сум градоначалник и космополит кој ги почитува сите вери и нации, сите етнички заедници, подвлече лидерот на ЗНАМ.

Во врска со потегот на „Вреди“ за формирање академија за науки и ументости на Албанците, Димитриевски потенцира дека „сите иницијативи се вредни за разгледување, но во Македонија може да постои само една национална академија на науки“. Таков е случајот, посочи, и во другите земји од регионот.

-Во Макеоднија има само една национална академија, тоа е МАНУ, во нејзини рамки има еминентни академици од сите етнички заедници, турска, влашка, српска, албанска, дури Албанец има заменик претседател. Општо неприфатливо и недозволиво е да се формираат други академии во земјава, освен МАНУ. Секој може да поднесе иницијатива и да формира невладино здружение, но тоа е нешто сосема друго. Треба многу да се внимава и на сите пораки што се испраќаат од некои членови на МАНУ кои се обидуваат индиректно на оваа тема да внесат наратив дека е потребна дополнителна катедра или отсек, дел кој ќе го проучува само едниот јазик, едната култура. Во науката такво нешто не постои, науката им припаѓа на сите заедници, нации и култури, рече Димитриевски.

Во ЗНАМ, напомена, има членови Албанци и од сите други етнички заедници.

-За жал, колегите се обидуваат да го копираат ДУИ, а ДУИ свесно им наметнува темпо во јавноста кое го следат. Тоа се погрешни политики, потенцира Димитриевски.

На прашањето што би направила ЗНАМ во вакви случаи, партискиот лидер рече дека може да отвори теми на Влада, во Собрание, на координација.

-Ако нема корекција и другите опции се отворени. Тоа значи, за принципиелни ставови и мислења давање подршка, а за непринципиелните нема поддршка. Ние влеговме во Владата за да обезбедиме мнозинство и да не дојдеме во состојба Македонецот никогаш повеќе да се чувствува како граѓанин од втор ред во оваа држава, уценуван од страна на поедини моноетнички блокови какви што се формираа и се формираат се уште и да се владее согласно законот. Ако тоа не се почитува, нема да бидеме дел од тоа, дециден е Димитриевски. мч/дма/

фото: МИА архива и принт скрин

 

 

 

 

Остани поврзан