ДИК до утре треба да ги добие потврдените листи на кандидати за градоначалници и советници
- Утре истекува рокот во кој Општинските изборни комисии (ОИК) треба да ги достават до Државната изборна комисија (ДИК) потврдените листи на кандидати за градоначалници и советници за претстојн
Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Утре истекува рокот во кој Општинските изборни комисии (ОИК) треба да ги достават до Државната изборна комисија (ДИК) потврдените листи на кандидати за градоначалници и советници за претстојните локални избори.
ОИК ги доставува листите на кандидат/и до ДИК поради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидат/и. Листата на кандидатот за градоначалник, односно листата на кандидати за членови на Совет, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини и во Град Скопје. Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со жрепка и тој број е ист во сите општини и Град Скопје. Во општината, односно Град Скопје каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место. Листите на кандидат/и предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини, односно Град Скопје, имаат ист реден број.
Најдоцна на 22 септември, ДИК и ОИК ќе ги известат овластените претставници за одржување на жрепката. Жрепката за утврдување на единствена листа на кандидат/и ДИК ќе ја одржи најдоцна на 23 септември.
ОИК утврдената единствена листа на кандидат/и ги огласува најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите во сите населени места и на избирачките места во општината, најдоцна на 23 септември, до 24:00 часот. Исто така ДИК утврдените единствени листи на кандидат/и ќе ги објави на својата интернет страница најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите, односно најдоцна на 23 септември.
Од денот на донесување на одлуката за распишување на избори, политичките
партии учесници во изборниот процес, потпишуваат Кодекс за фер и демократски
избори. Датумот на потпишувањето го определува ОИК, а потпишувањето ќе се
одржи пред почетокот на изборната кампања најдоцна до 26 септември.
Во меѓувреме течат и другите рокови. Најдоцна до 16 септември требаше до ДИК да бидат доставени податоци за лицата кои се во притвор или се наоѓаат на издржување казна затвор. МТСП, пак, доставува до Државната изборна комисија податоци за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување.
ДИК вчера на 23-та седница го усвои ревидираниот роковник за претстојните локални избори, усогласен со измените и дополнувањата на Изборниот законик, донесени од Собранието, а предложени од пратенички групи од владејачкото мнозинство и од опозицијата.
Освен измените и дополнувањата на роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за градоначалници и градоначалник на Град Скопје и членови на советите на општините и советот на главниот град во 2021 година, ДИК усвои и упатството за ангажирање лица од редот на вработените во секторите за информатичките технологии или надворешни ИТ лица и донесе одлука за објавување на описите на избирачките места.
Како што информираше членот на ДИК Борис Кондарко со поважните измени на Изборниот законик се воведува обврска најдоцна до 25 септември до 24 часот за сите службени органи и институции кои располагаат со возила да ги достават податоците до Државната комисија за спречување на корупцијата, со цел увид во нивното користење за време на изборите и спречување на евентуални злоупотреби. За сите радиодифузери, печатени медиуми и портали, кои се регистрирани за платено политичко рекламирање во ДИК, остануваат нивните регистрации, а оние кои го пропуштиле рокот, се определува нов рок за регистрација. Тој рок ќе почне денеска и ќе трае до 19 септември, заклучно со недела до 24 часот.
Со измените во Изборниот законик, се предвидува да можат да гласаат и лица на кои им истекол рокот на важност на лични карти, а кој рок истекол од денот на распишување на изборите до денот на нивно одржување, што значи од 6 август до 30 октомври.
Кондарко информира дека во најскоро време ДИК ќе направи упатства и соодветни обрасци за оние за кои се однесуваат измените во Изборниот законик опфатени во ревидираниот роковник. – Се предвидува и рок за пријавување на лицата кои се позитивни на коронавирусот или се во самоизолација за гласање во домашни услови. Овие лица ќе гласаат ден пред одржувањето на првиот круг, односно 16 октомври и 30 октомври доколку има втор круг, соопшти Кондарко.
Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври 2021 година. Изборната кампања за првиот круг на гласање почнува на 27 септември во 00:00 часот и трае до 24:00 часот на 15 октомври. Кампањата за вториот круг на гласање, пак, трае до 24:00 часот на 29 октомври. мд/лв/