• понеделник, 23 декември 2024

ДИК: Градоначалници добија 34 општини, првиот круг ќе се повтори во две општини

ДИК: Градоначалници добија 34 општини, првиот круг ќе се повтори во две општини
Скопје, 18 октомври 2021 (МИА) - Во првиот круг од локалните избори избрани се градоначалници во 34 општини од кои во 22 општини градоначалниците се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, девет се од коалицијата предводена од СДСМ, а тројца градоначалници се од ДУИ, соопшти вечерва Државната изборна комисија (ДИК). Најголемите политички ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг меѓусебе ќе се борат за градоначалник во 25 општини. Вкупно СДСМ во вториот круг ќе има кандидати во 32 општини плус Град Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ во 28 општини. Кандидатите на Алијанса за Албанците/Алтернатива и ДУИ во вториот круг меѓусебе ќе се борат во осум општини, а во Тетово и Желино во вториот круг влегуваат кандидатите на ДУИ и БЕСА. Во Градот Скопје во вториот круг влегуваат независната кандидатка Данела Арсовска која има освоено 85.657 гласа и кандидатот на СДСМ Петре Шилегов кој освоил 77.852 гласа. Во Советот на Град Скопје, како што објави претседателот на ДИК Александар Даштевски, ќе има 17 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 12 од СДСМ, шест од ДУИ, четири од Левица, по два советника ќе имаат колаицијата на ЛДП и ДОМ и на Алијанса за Албанците/Алтернатива, како и „Зелен хуман град“. Податоците за останатите советнички листи се објавени на веб страната на ДИК. Во Центар Жупа и Маврово-Ростуше ќе се повтори изборната постапка поради неисполнување на законскиот услов од една третина од запишаните гласачи кои излегле на гласање. Во првиот круг градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се избрани во Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и Штип. Градоначалници од СДСМ се избрани во Берово, Богданци, Валандово, Крива Паланка, Крвогаштани, Крушево, Делчево, Дојран и Струмица. Од ДУИ има тројца градоначалници избрани во првиот круг и тоа во општините Липково, Пласница и Сарај. Досега до ДИК, како што соопшти Даштевски, не се пристигнати приговори. бак/бк/

 

Остани поврзан