• среда, 27 ноември 2024

ДИЖС предложи казна во износ од 20.000 евра за фабриката „Пејпер Мил“

ДИЖС предложи казна во износ од 20.000 евра за фабриката „Пејпер Мил“
Скопје, 14 декември 2020 (МИА) - Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) предложи казна во износ од 20.000 евра за фабриката за хартија „Пејпер Мил“ откако резултатите од мерењата на емисиите биле над дозволените граници. Како што соопшти на денешната прес-конференција директорката на Инспекторатот Ана Петровска, во првиот вонреден надзор што го спроведе ДИЖС на 20 ноември извршени се мерења на ПМ честички и отпадни гасови во „Пејпер Мил“ и утврдено е дека емисиите на прашина и јаглероден моноксид се над дозволените вредности. - Со решение ги задолживме да го сменат горивото од пелети на метан за да не загадуваат. Во меѓувреме тие инсталираа опрема за озонирање со цел намалување на јаглеродниот моноксид и извршија корекции на воденото отпрашување со цел намалување на ПМ честичките. Откако ги направија овие измени следеше тестирање на еколошкиот процес и ново мерење на емисиите во присуство на инспектор. Резултатите повторно беа над дозволените граници, информира Петровска. Инспекторатот за животна средина извршил контролен надзор и предложил казна во износ од 20.000 евра и ја задолжил фабриката „Пејпер Мил“ да врши мерења од акредитирана лабораторија еднаш неделно, бидејќи не смее да ги надминува граничните вредности. - За да се реши трајно проблемот со ПМ честичките, „Пејпер Мил во рок од два месеца ќе вгради филтер што ќе овозможи ПМ честичките да бидат неколкупати пониски од граничните врендости утврдени со дозволата, посочи Петровска. Таа соопшти дека во последните 23 дена спроведени се вкупно 124 надзори од кои 28 се вонредни. Издадени се вкупно 47 решенија за отстранување недостатоци, две прекршочни пријави, две забрани за горење отпад, еден записник за порамнување, односно предлози за три казни. Побарана е соработка и постапување од други институции како МВР, МЖСПП, Инспекторатите на градот Скопје и општините. Во Скопје, како што информира Петровска, при координиран дводневен надзор на околу 40 инсталации во кругот на Железара утврено е дека повеќе инсталации работат без елаборат за заштита на животната средина. Тие биле задолжени во законски рок да ги изработат. Направен е и вонреден вечерен надзор во „Макстил“ со мерења на прашина од страна на централната лабораторија за животна средина што, како што рече, е прва ваква соработка меѓу иституциите. Во текот на оваа недела ќе бидат готови резултатите. Во Тетово при координиран надзор на повеќе помали загадувачи било откриено горење иверка и остатоци од производство на столарија и мебел за што се изречени две забрани за горење отпад. Петровска информира дека ќе се прават контролни увиди за да се провери дали се почитува забраната и ќе се достави платен налог за глоба ако тоа не се почитува. - Во делот на управувањето со отпад, ДИЖС утврди сериозни неправилности во елаборатот за заштита на животната средина за третман на медиицински отпад за „Ремондис Медисон“, поранешн „Еко клуб“ од Битола и побара преиспитување на донесеното решение за одобрување од страна на Министерството. Според одобрениот елаборат, оваа фирма треба да третира медицински и друг опасен отпад на Кванташки пазар во Скопје, во непосредна близина на три погони за производство и складирање на храна. Дури и во самиот елаборат се вели дека во објектот каде ќе се третира медицински отпад не смее да се приготвува храна. Ова укажува дека присуство на ваков објект може да има негативно влијание за прехрамбената индустрија, наведе Петровска. ДИЖС, посочи, изврши надзор и на несоодветно постапување со медицински отпад во кругот на клинички центар во Скопје, наложи местото да се исчисти, го предаде материјалот на судска медицина и достави опомена до сите хируршки клиники. Во делот на заштитата на водите и природата, таа информира дека бил срушен изграден насип преку река Сатеска за премин на камиони со кој се попречува природниот тек на реката и таа се излевала во околината. По интервенцијата, како што информира, реката Сатеска е вратена во своето корито. мс/дма/ https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/431487794926495  

Остани поврзан