• среда, 25 декември 2024

Дигитално земјоделство - нова програма на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје

Дигитално земјоделство - нова програма на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) отвора нова студиска програма по дигитално земјоделство. Програмата има мултидисциплинарен пристап и се реализира во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ и Машинскиот факултет – МФ, сите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

- Акцентот на студиската програма е ставен на применетиот аспект на знаења и вештини што ги стекнуваат студентите, односно покрај познавање од земјоделските науки и храната, идните студенти ќе се стекнат и со експертиза во областа на информатичките технологии и дигитализацијата. Новата студиска програма ќе одговори на секојдневните предизвици во земјоделството и во производството на храна и претставува резултат на барањата и потребите на стопанството да се осовременат студиските програми на ФЗНХ, се вели во соопштението од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).

Факултетот со новите акредитации, како што се наведува, воведува и задолжителен предмет стручна пракса која ќе се реализира во соработка со стопанството. Исто така, ќе продолжи да оформува академски профили, кои со својата стручност ќе бидат способни да одговорат на барањата на современото земјоделско производство. Новите кадри ќе треба да го одржат и развијат домашниот земјоделски сектор.

- Студиската програма по дигитално земјоделство има цел да создаде дипломирани земјоделски инженери кои треба во следните години да го прилагодат земјоделскиот сектор во нашата држава кон новите модерни трендови и примената на дигиталните технологии, со што ќе придонесат за поефикасно и профитабилно земјоделско производство, конкурентно не само на нашиот, туку и на меѓународниот пазар. Оваа студиска програма ќе помогне во изградбата на нова генерација висококвалификувани млади професионалци со мултидисциплинарни знаења и вештини, способни за воведување применливи решенија и иновации во оваа значајна индустрија, но и во согласност со целите на стратегијата за паметна специјализација, изјави поранешниот декан и еден од иницијаторите за креирање на оваа програма, професор д-р Вјекослав Танасковиќ.

Од ФЗНХ наведуваат дека преку оваа студиска програма се очекува да се продлабочи соработката меѓу академијата и бизнисот и да се развие човечкиот капитал со вештини за иновации во земјоделскиот сектор. Вклученоста на бизнис секторот во оваа студиска програма е клучна за нејзиниот успешен развој, поради што ФЗНХ и нуди различни начини за соработка со бизнис заедницата.

За успешното реализирање на програмата, заедно со поддршката од неколку меѓународни соработки (IME, GIZ и SWG RRD) отворена е и нова лабораторија за дигитално земјоделство. Оваа лабораторија, како што се наведува, е клучна за наставата на новата студиска програма по дигитално земјоделство, но ќе се користи и за потребите на истражувачката дејност, како во функција на соработката со бизнис секторот и институциите.

Новата студиската програма за дигитално земјоделство на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е развиена со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), спроведена од групацијата Паладиум, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Постојаната работна група за регионален рурален развој (ПРГ РРР). мд/аа/

Фото: ФЗНХ

 

 

 

Остани поврзан