• вторник, 24 декември 2024

Дигитални алатки и содржини во наставата за деца со аутизам и интелектуална попреченост 

Дигитални алатки и содржини во наставата за  деца со аутизам и интелектуална попреченост 

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) – Аутизам Институт и Македонското научно здружение за аутизам денеска го презентираа проектот ISEC-ADE (Пристапно дигитално образование за ученици со аутизам и интелектуална попреченост: Иновативни решенија и подобрување на компетенциите на едукаторите), реализиран од меѓународен конзорциум партнери со поддршка од програмата Еразмус+ на Европската Унија.

Проектот поддржува воведување дигитални алатки и користење на дигитални технологии во учењето на децата со атипичен развој со што го олеснува напредокот во нивното образование.

Ивана Васиелвска-Петревска, претседателка на Аутизам институт, изјави дека спроведеното истражување покажало  „силен недостиг од прилагодени дигитални алатки и дигитални содржини наменети за учениците со аутизам и интелектуална попреченост“, а тоа, рече таа, создава голема нееднаквост во образованието за оваа категорија ученици.

Појасни дека проектот ISEC-ADE нуди решение за овие проблеми преку две дигитални алатки – teach space - која овозможува креирање пристапни образовни содржини за ученици со аутизам и интелектуална попреченост, и teach hub-апликација која претставува платформа каде едукаторите, образовните асистенти, наставниците и сите други кои се директно вклучени во поддршката на учениците можат да разменуваат отворени образовни ресурси и да споделуваат слични ресурси.

- Проектот исто така увиде како потреба и зајакнување на компетенциите на едукаторите, поддршка на нивните вештини за работа со дигитални алатки, креирање содржини кои се пристапни и во таа насока подготвивме методски прирачник кој разработува педагошки стратегии, но и технички упатства за користење на апликацијата, а подготвивме и четиридневна програма за професионален развој на наставници во која обрнуваме внимание на начините како наставниците можат да го поддржат развојот на учениците со аутизам и интелектуална попреченост користејќи ги овие дигитални алатки, рече Василeвска-Петревска.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека понудените алатки се во согласност со најдобрите интереси на учениците со посебни образовни потреби и дека тоа се совпаѓа и со стратешка цел на МОН - квалитетно инклузивнo образование на сите нивоа.

-Но, кога инклузивното образование ќе се спушти од документите во училниците, се јавуваат низа предизвици. Сакам да нагласам дека и во надминувањето на овие потешкоти се водиме од потребите на граѓаните. Министерството работи на подобрување на концептот на инклузија, за што сите засегнати страни ќе можат да го кажат своето мислење преку јавни дебати. Веќе на јавна дебата е новиот Закон за средно образование, кој од средината на минатиот месец е објавен на ЕНЕР. Со него се предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училишта. Во основните училишта, во учебната 2024-2025 година се ангажирани над 1000 образовни асистенти, истакна Јаневска во обраќањето на настанот. 

Кон подигнување на степенот на инклузивност на македонскиот образовен систем, посочи таа, МОН ќе работи и на обезбедување поголема пристапност на училишните објекти за учениците со попреченост, на обезбедување наставни помагала и опрема, како и на подигнување на професионалните компетенции на наставниците за работа со ученици со посебни образовни потреби.

Нагласи дека ќе се заложи за унапредување на инклузивното образование, затоа што, рече, „децата со посебни образовни потреби не смееме да ги идентификуваме со нивната дијагноза, туку со нивните потенцијали што можеме да ги развиеме со помош на образованието“.

Очекува дека овие дигитални алатки ќе имаат примена, додавајќи дека МОН ќе направи напори  „во почетокот толку колку што овозможуваат ресурсите, а потоа ако се покаже успешна имплементацијата, тоа ќе го прошируваме“.

- Немаме впечаток дека недостига кадар затоа што училиштата имаат стручни служби, имаат и инклузивни тимови и, се разбира, ресурсните центри имаат стручен кадар, изјави Јаневска за медиумите прашана за екипираноста на училиштата со кадар што треба да го помага напредокот на овие деца во образовниот систем.

Во однос на образовните асистенти, рече дека МОН работи според барањата [to ги одобрува МКФ (Меѓународна класификација на функционирање) и барањата на училиштето.

- Oд година во година ги зголемуваме и  ќе продолжиме во тој правец да работиме. Во моментот работиме по постоечки закон кој е во процедура на измена и се надеваме дека измените ќе го подобрат целиот овој процес, но сериозно внимаваме на тоа образовната асистенција да е достапна до секое дете на кое му е потребна, истакна  Јаневска. хс/бак/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан