• петок, 22 ноември 2024

Дигитални алатки за развој на локална филантропија и вклученост на граѓаните во заедницата

Дигитални алатки за развој на локална филантропија и вклученост на граѓаните во заедницата

Скопје, 23 август 2023 (МИА) - Преку проектот на УСАИД „Здружи се за заедницата“, кој ќе се спроведува во шест општини во државата, се очекува да се зголеми учеството на граѓаните во идентификување и решавање на предизвиците со кои се соочуваат во секојдневието. Поточно, преку употреба на дигитални алатки и присуство на терен, граѓаните ќе одредуваат приоритети и заеднички ќе можат да спроведуваат финанскиски решенија во локалната заедница.

Овој проект го спроведува асоцијацијата Конект во соработка со фондацијата Аполонија, со Индиго и ЕВН, и во првата фаза ќе соработува со општините Гевгелија, Гостивар, Охрид, Струмица, Чаир и Шуто Оризари.

Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението Конект на денешната презентација на проектот информираше дека теренските истражувања покажаат дека се слаби врските меѓу локалните институции, граѓанските организации, бизнисите, медиумите.

-Значајно е да работиме на овие релации и секоја општина, населба, маало или село она што го има како ресурси да го стави во функција на
свој одржлив развој и да си ги решава проблемите на своите жители. Не треба да чекаме решенијата да дојдат од некаде горе, туку низ соработка треба заеднички да ги создаваме. Ниту една важна промена не може да биде направена од еден сектор, рече Кусиникова.

Таа посочи оти се надева дека во овие пет години ќе се создадат многи локални успешни приказни што покажуваат дека нашите заедници се витални и подготвени да инвестираат во својот напредок.

Претставничката на Канцеларијата на УСАИД, Џери Дајбл потенцираше дека УСАИД одржува силно партнерство со македонскиот народ веќе 30 години.

-Како што земјата го продолжува својот пат кон целосна евроатлантска интеграција, нашиот фокус сѐ повеќе се насочува кон соработка со локалните организации. Заедно, имаме за цел да ги поттикнеме заедниците да планираат, финансираат и имплементираат решенија кои ги
задоволуваат нивните најитни потреби, рече Дајбл на денешната презентација на проектот.

Во рамките на проектот, првично ќе бидат идентификувани граѓански организации кои имаат потенцијал да служат како „јадра“ за граѓаните да може да се вклучат активно во идентификување на проблемите и потребите на локалните заедници и да воспостават партнерства меѓу граќанските организации, приватниот сектор и општините со цел да се искористат сите локални ресурси во подобрувањето на живеењето во
општините.

Освен локалните акциски јадра, од Конект им обезбедуваат на општините и на граѓаните и платформа за граѓанско учество „Комунити“ која овозможува директна комуникација меѓу граѓаните и општините околу решавањето на идентификуваните приоритети на заедницата.

Целта е да се зајакне и олесни собирањето средства од локални донатори за овие иницијативи на инклузивен, ефективен и одржлив начин.

Воедно, на настанот беше презентиран Извештајот за проценка на капацитетите за самоодржливост во избраните општини, во кој се прикажани резултатите од истражувањето на нивото на соработка помеѓу локалната самоуправа, компаниите и граѓанските организации, и достапноста на локални ресурси.

Генерален заклучок на извештајот е дека недостига системска меѓусекторска соработка помеѓу компаниите, граѓанските организации и локалната самоуправа која ќе ги вклучи сите чинители на сеопфатен начин.

-Компаниите се дел од заедницата и треба да бидат активно вклучени во локалниот развој и процесот на одлучување. Од друга страна, извештајот нотира дека постојат домашни ресурси кои би можеле да се мобилизираат од приватниот сектор, како и ресурси кои би можеле да се мобилизираат преку меѓусекторски активности на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор кои ќе придонесат за самоодржливост на заедниците, рече за време на презентацијата Ристо Карајков, главен истражувач и автор на извештајот.бт/са/

Фото/ МИА и ИНДИГО

 

Остани поврзан