• среда, 25 декември 2024

Дигиталната писменост најголем предизвик за имплементацијата на е-услугите на Западен Балкан

Дигиталната писменост најголем предизвик за имплементацијата на е-услугите на Западен Балкан
Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Сите услуги да се од една точка и граѓаните да можат со неколку клика да ја добијат услугата која им треба, воедно, да се работи на тоа граѓаните да добијат адекватна едукација со која што ќе можат да се адаптираат кон користењето на дигиталните услуги, сè со цел да се хармонизираат дигиталните иновации со локалната и националната легислатива. Ова беа заклучоците на денешните „Регионални дијалози за дигиталната агенда“ кои беа организирани во рамките на проектот „Зголемување на граѓанскиот ангажман во дигиталната агенда - ИЦЕДА“, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис. На настанот беше презентирано регионалното истражување „Основно истражување на состојбата на развој на е-влада и дигитална писменост во целните земји од Западен Балкан 2020“ и земаа учество претставници од владините институции од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово како и претставници од граѓанските организации. Истражувањето, кое што го сподели Миша Бојовиќ, виш истражувач во ЦРТА (Центар за истражување, транспарентност и отчетност), покажало дека регионите се еднакви кога станува збор за нивото на имплементација и проблемите со кои владите се соочуваат во имплементирањето на активностите поврзани со дигиталната агенда. Таа посочи дека дигитализацијата сè уште не претставува голем дел од административните промени, мал е кругот на експерти кои се занимаваат со дигиталната агенда и земјите доцнат со авторизацијата и воспоставувањето на легалните акти. Истражувањето ја лоцира дигиталната писменост како една од главните проблеми. - Уште на почетокот од истражувањето воочивме дека терминот „дигитална агенда“ е познат само на еден помал круг од експерти и граѓаните не беа запознаени со оваа иницијатива и следствено не беа во можност да ги воочат бенефитите од истата. Ова, последователно, влијае на динамиката на имплементацијата. Од сите 5 земји, единствено Србија го лоцираше овој проблем и презема мерки за справување со истиот, образложи Бојовиќ.   На настанот свое обраќање имаше и Солза Ковачевска, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација на РСМ, која ги сподели последните активности во однос на дигиталната агенда во Северна Македонија. Па така, таа нагласи дека дигиталната агенда е интегрирана како еден од столбовите на Националната стратегија за ИКТ и таму е детално обработена. - Националниот портал за е-услуги до крајот на 2020 брои над 30 илјади регистрирани корисници и 139 електронски услуги кои целосно може да се добијат преку порталот. Порталот имаше улога и во спроведувањето на економските мерки за справување од последиците со корона кризата. Преку порталот во соработка со Министерството за образование и наука, беа издадени ваучери за обуки за дигитални вештини за 2500 млади лица до 29 години, дополни Ковачевска Говорниците беа согласни дека е многу тешко бидејќи граѓаните не се запознаени со дигиталните услуги и полесно им е да одат и да ја завршат работата со физичко присуство отколку на интернет. Тие заклучија дека иако основата е поставена, има неколку работи на кои мораме да работиме заедно како општество, институции, граѓански сектор, медиуми и граѓани за да се дојде до целта на дигитализацијата да го поедностави процесот и да го подобри животот на граѓаните.ар/скс/      

Остани поврзан