• сабота, 23 ноември 2024

Дејвид Вајс стана специјален обвинител во постапката против синот на американскиот претседател Хантер Бајден

Дејвид Вајс стана специјален обвинител во постапката против синот на американскиот претседател Хантер Бајден

Вашингтон, 12 август 2023 (МИА) - Американскиот обвинител Дејвид Вајс, кој го истражува случајот на Хантер Бајден, денеска доби статус на специјален обвинител, откако преговорите меѓу американското Министерство за правда и синот на американскиот претседател не успеаја за признавање на вината, пренесе Си-ен-ен.

Со ова веќе е сигурно дека ќе има судење на Хантер Бајден, а како што соопшти денеска државниот обвинител Мерик Гарланд, Вајс побарал нови овластувања - и ги добил - откако не бил постигнат договор со синот на претседателот во врска со отфрлање на обвиненијата поврзани со кршење на даночните прописи и поседување оружје.

Одлуката на Гарланд му дава на Вајс повеќе овластувања од обичниот американски обвинител, а според Си-ен-ен, таа ја носи Америка на непозната територија, бидејќи тројца специјални обвинители во американското Министерство за правда сега го истражуваат сегашниот претседател, неговиот син и непосредно минатиот претседател.

Ова е последниот, драматичен пресврт во веќе долгата криминална истрага за однесувањето на Хантер Бајден, на која инсистираат републиканците во американскиот Конгрес, а која остави влијание врз Белата куќа и претседателот Џо Бајден.

Вајс на функцијата беше назначен од поранешниот претседател Доналд Трамп, кому, исто така, му се суди, а случајот го води специјалниот обвинител Џек Смит.

Истрагата за Хантер Бајден се чинеше дека заврши со спогодбата објавена во јуни. Синот на претседателот планирал да се изјасни за виновен за даночни прекршоци и да побара од обвинителите да се откажат од посебно обвинение за оружје, под услов тој да остане надвор од проблеми со законот и да помине тест за дрога.

Федералните обвинители, исто така, се согласија да препорачаат условна казна за Хантер Бајден, што републиканците го критикуваа, сметајќи дека тоа му дава повластен третман на синот на претседателот.

Но, минатиот месец имаше неверојатно судско рочиште на кое договорот за малку ќе пропаднеше откако федералниот судија Марјелен Норејк изјави дека двете испреплетени признанија за вина се „збунувачки“, „неискрени“, „нетипични“ и „невидени“.

Резултатот беше привременото повлекување на Бајден од признавањето вина, а судијата му нареди на Министерството за правда и адвокатите на синот на претседателот да објаснат што сакаат и да ја бранат уставноста на постигнатиот договор.

По сето тоа, денес Вајс му пријавил на Мерик Гарланд дека преговорите со Хантер Бајден пропаднале. сд/

Остани поврзан