• понеделник, 23 декември 2024

Дејановски за МИА: Нацрт-законот за систем на плати не е системско решение и е спротивно на Устав

Дејановски за МИА: Нацрт-законот за систем на плати не е системско решение и е спротивно на Устав

Скопје, 10 декември 2023 (МИА) – Нацрт-законот за систем за плати во јавниот сектор, кој е ставен на ЕНЕР, не е системско решение и со него уште повеќе ќе се искомплицира ситуацијата, оценува претседателот на Синдикатот на УПОЗ при ССМ, Трпе Дејановски во изјава за МИА.

Дејановски вели дека како Синдикат не биле консултирани за ваквото законско решение, ниту пак поканети кога работела работната група.

– Ова само уште повеќе ќе ја искомплицира ситуацијата. Воведуваат некакви системи и на тоа некакви подсистеми. Во администрација ќе биде едно, во здравство друго, во одбрана трето, во јавни претпријатија чет врто… Ова ми делува како да се сака да се контролира се, да се стави рака врз синдикатите и пресметка на плати како што сака министерот за финансии, вели Дејановски.

Ваквото законско решение, според него, е спротивно на Уставот, бидејќи се прави обид да се регулира исплатата на плата преку правилници, а според уставите одредби, плата се исплаќа само со закон и колективни договори.

Вредноста на бодот, според Нацрт-законот, ќе ја носи Собранието, но на предлог на Владата. И со ова, според Синдикатот на УПОЗ, не се менува ништо.

– Вредноста на бодот нема да ја носи Владата, туку Собранието и тоа е добро од една страна, но вредноста на бодот ќе се носи на предлог на Владата, односно на предлог на Министерството за финансии, што значи дека ништо не се менува. Нема да биде вклучен никој однадвор, нема да бидат вклучени синдикатите и ќе биде по старо, односно ќе се носи вредноста на бодот како што им одговара во Буџетот, појаснува Дејановски.

Тој посочува дека ќе се носи алтернативна вредност на бодот во случај дали ќе има вонредна, воена или кризна состојба во државата.

– Значи ако има криза ќе имате една плата, ако нема криза, ќе имате друга плата, вели Дејановски.

Со ова законско решение засегнати се од 130.000 до 150.000 вработени во јавниот сектор. бак/сп/

Остани поврзан