• вторник, 24 декември 2024

„Детска фантазија“ - изложба на скулптури од Ненад Тонкин

„Детска фантазија“ - изложба на скулптури од Ненад Тонкин
Скопје, 18 јуни 2021 (МИА) - Во Галерија МКЦ вечерва во 20 часот ќе се отвори изложбата на скулптури „Детска фантазија“ од Ненад Тонкин. „Детска фантазија“ е серија скулптури инспирирани од цртежи на деца на возраст од 4 и 5 години. Некои се самостојни, а некои во група формираат сцени од замислен свет. Работени се во разни вајарски техники, а изработени се од рециклирани материјали (даски, картон, железо). Изложбата „Детска фантазија“ информираат од МКЦ, е одбрана на магистерски труд на авторот на тема „Уметнички предизвик – од детски цртеж до скулптура“. - Уште од мала возраст сум посакувал ликовите и предметите од моите цртежи да оживеат. Нацртаното дете, некое чудно животинче, разните смешни растенија или куќи сето тоа со едно трепнување да се појави пред мене. Таква фантазија развиваат многу деца и сите тие веруваат во чуда и во ниеден момент не се сомневаат дека нестварното е невозможно. Во детскиот свет сè е стварно и возможно. Но, навлегувајќи во матрицата на возрасните луѓе тие осознаваат што е можно, а што не е. Фантазиите остануваат само фантазии и никогаш не преминуваат во светот на реалноста. Работејќи еден период во детска градинка открив колку фантазирањето е важно за креативниот развој на децата. Посебно кога таа фантазија е пресликана во цртеж. Леснотијата, едноставноста и неоптовареноста што децата ги користат при создавање на цртежите ми побуди голем интерес. Тоа ми отвори шанса за поконкретно размислување и барање начин за реализација на една моја неостварена желба: „оживување“ или предметно материјализирање на детските цртежи. Преку анализа на голем број детски цртежи почнав да градам идеја на каков начин да ги создадам нацртаните ликови, чудните и нереални објекти, растенија, животни. „Детска фантазија“ е мојата фантазија“, вели авторот за концептот на  изложбата. Ненад Тонкин (Скопје, 1978) е дипломиран вајар и сценограф на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и дипломиран професор по предучилишно воспитание на Педагошкиот факултет Св.Климент Охридски -Скопје. Тој има реализирано шест самостојни ликовни изложби во Гевгелија, Кичево, Скопје и една on-line и повеќе групни во Македонија, Италија, Германија, Словенија, Црна Гора и Турција. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма). Автор е на еден мурал во Кочани реализиран во рамки на АКТО 15 фестивал за современа уметност, исто и учесник во изведбата на уште два други, во Кавадарци и во Скопје. Учесник на 31ва Галичка колонија 2020година. Од 2013 година издава своја авторска музика како Mammoth & Yashem и досега има објавено три изданија. Дел од реализираните ликовни проекти: Самостојна изложба по повод факултетската награда за скулптура „Петар Хаџи Бошков“, Галерија ФЛУ – Скопје.2020; Автор и реализатор на 45м2 мурал „Солидарноста го јакне имунитетот“ на зградата на Водостопанство во Кочани, во рамки на АКТО15 фестивал за современа уметност. 2020; Модулар -Галерија МКЦ – Скопје,самостојна изложба на скулптури. Скопје. 2020; Малите суштества од станот што се реновира – Галерија „КО-РА“ – Скопје, самостојна изложба на скулптури. 2020; Визија-Скопје 3.0 – илузија или реалност, ликовна интервенција во јавен простор заедно со Јана Јакимовска, Филип Велковски и Ертунч Сали, Скопје. 2020; Малите суштества од Карантина –on-line изложба, фото приказна со стоп анимации. 2020; DEUS exMachina -групна изложба, учество со две дела (скулптура и инсталација). Подгорица, Црна Гора.2019; Trans-form:action -групна студентска изложба. Музеј за современа уметност Метелкова, Љубљана. 2019; In Situ -саем на уметности, учество со две дела во рамки на групата In Established. МКЦ Скопје. 2018; 1101: Св. Климент низ современата уметничка призма, НУБ „Св. Климент Охридски“ –Скопје. 2017; Учество со едно дело во склоп на муралот на задната страна на МКЦ, Скопје. 2016; Speech for free (инсталација во простор), Balkon zum Balkan во Баден-Баден, Германија. 2014; All the hits (аудио инсталација), ParatissimaTorino 10 во Торино, Италија. 2014.фф/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан