• понеделник, 23 декември 2024

Детето забележува однесување и реакции повеќе отколку што родителите си мислат

Детето забележува однесување и реакции повеќе отколку што родителите си мислат

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Да се ​​биде родител не е лесно бидејќи има многу работи за коишто тој / таа треба да се грижи. Меѓутоа, понекогаш родителите не се свесни дека децата ги забележуваат малите нешта што ги правиме за нив или пред нив. Ниту еден родител не може да му понуди совршено детство на своето дете, но малечкото, обично, е природно интуитивно, што значи дека забележува ситници во однесувањето и емоционални реакции многу повеќе отколку што родителите си мислат.

Недоследност во почитувањето на правилата

И да се ​​биде доследен родител, меѓу другото, е исцрпувачки напорно, но носи големи „награди“ во корист на очекувањата за однесувањето на детето, но и неговата доверба и послушност. Децата забележуваат кога родителот вели едно, а прави друго. Тие можат да препознаат кога некое правило не се спроведува како што е договорено. Недоследноста е збунувачка бидејќи им отежнува на децата да се чувствуваат безбедно и целосно да им веруваат на своите родители.

Рутински промени

Децата уживаат во рутината, поради што можат да забележат и најмала промена во нивниот дневен распоред. Поставувањето рутина не мора да биде сложено... Може да биде едноставно, како читање книга пред спиење или слушање музика за време на појадокот.

Рутините може да послужат за практични цели, на пр. - да им се покаже на децата важноста од извршување на домашните работи. Тие исто така имаат и симболично значење за семејството, помагајќи им на родителите и децата да се чувствуваат емотивно поврзани еден со друг, пишува порталот „Кликс“.

Не толку прикриена напнатост меѓу родителите

Децата можат да препознаат кога односот на нивните родители е затегнат. Тие ја забележуваат суптилната напнатост повеќе отколку што многумина мислат. Детето обрнува внимание и на најмалите промени во комуникацијата и емоционалните знаци, заедно со говорот на телото на неговите / нејзините родители.

Семејна кавга, дури и кога е неискажана, може да создаде атмосфера на напнатост во домот што може да ги остави децата збунети и емоционално несигурни. Објаснувањето дека само затоа што нивните родители се караат - не значи дека не се сакаат, може да го смири детето.

Неприсуство

Родителството бара ниво на присуство коешто не секогаш е лесно да се обезбеди... На крајот на краиштата, некој мора да подготви вечера и да се погрижи облеката да е здиплена. Покрај домашните работи, возрасните имаат и други обврски. Можеби е мала работа, но децата забележуваат кога нивните родители се презафатени со други работи...

Иако не е сосем реално да се очекува родителот никогаш да не гледа во телефонот, пореткото користење секако може да биде полезно во оваа смисла.

Љубезност

Потегот на љубезност е уште една ситница што децата ја забележуваат, а возрасните ја занемаруваат. Секој ден, всушност, децата учат како да бидат љубезни, па бараат и гледаат примери во тоа кај родителите, наставниците, нивните врсници итн.

Квалитетно време заедно

Може да биде тешко да се вклопи семејното време меѓу обврските - како училиште, работа и сите секојдневни задачи, но трошењето издвоено време заедно им помага на децата и родителите да останат поврзани. Децата забележуваат кога родителите се расеани и ги ценат миговите на забава и заедништво.

Родителите и стресот

Меѓу многуте предизвици на родителството, и тоа - да се остане емотивно силен, е голем предизвик. Децата набљудуваат како нивните родители се справуваат со стресот и затоа често се склони да ги одразуваат реакциите и односот што ги учат од своите родители.  си/ссм/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан