• сабота, 23 ноември 2024

Детектор: Секој трет размислува да се исели од Македонија

Детектор: Секој трет размислува да се исели од Македонија

Скопје, 19 мај 2024


Секој трет човек во Македонија размислува да се исели од државата, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 32,3% од анкетираните рекле дека размислуваат или некогаш размислувале да се иселат од државата додека 63,6% не размислувале на оваа тема.

Иако не се големи разликите, сепак изненадува фактот што за иселување најмногу размислуваат луѓето меѓу 40 и 49 години каде 42,5% рекле дека имале или се уште имаат планови да ја напуштат државата. Слични бројки од 42,2% граѓани кои размислуваат да се иселат има и во возрасната група меѓу 30 и 39 години додека кај најмладите, оние кои имаат под 30 години 37,8% размислувале или размислуваат да се иселат од државата.

Споредбата со анкетите од претходните години кои за Детектор исто така ги спроведуваше ИПИС не покажуваат некои значителни промени во ставовите на граѓаните. Во сите анкети во последните 5 години, процентот на граѓани кои размислувале или размислуваат да се иселат е над 30%.

Сепак, 52,7% од сите анкетирани граѓани рекле дека во наредните 5 години нема шанси да се преселат од Македонија додека сигурни дека ќе си заминат во истиот период се 11,5% од анкетираните. Поредбата со анкетите од претходните години не покажува некои значителни отстапувања.
За иселување граѓаните најчесто се решаваат поради повисоките плати (17,2%), подобрите услови за работа (15,7%) и подобрите можности кои им се нудат на децата (12,2%) како и подобриот здравствен и образовен систем кој го нудат странските земји (11,5%). Кај младите под 30 години, очекувано повисоките плати (21,7%) и подобрите услови за кариера (20,6%)се главната причина поради која тие си заминуваат или би си заминале од земјава.
Најпосакувана дестинација за преселба се земјите од Европската Унија. 42,7% од граѓаните рекле дека ако решат да се иселат, би се преселиле во некоја од земјите членки на Еврпоската Унија. 6,1% би се селеле во САД или Канада, 4,4% од Австралија или Нов Зеланд а 4,9% би одбрале некој друг дел од светот. 83,1% од анкетираните сметаат дека степенот на иселување во земјава, во споредба со изминатите 5 години се зголемува. Само 6,1% велат дека тој се намалува а 8,7% дека останува ист.
Анализата на етничката структура на граѓаните кои одговарале покажува дека 20% од етничките Албанци сметаат дека процентот на иселување се намалува во споредба со претходните години, став кој го делат само 2% Македонци од кои пак речи си 90% сметаат дека денеска луѓето повеќе се иселуваат што е значително повеќе од оние 65% етнички Албанци кои делат ваков став.
Две третини од граѓани веќе имаат некој близок кој се преселил во странство. Споредбата со анкетите од последните 5 години покажува дека бројот на граѓани кои имаат свои блиски кои се иселиле од Македонија скокнал од 60% лани на 66,6% оваа година.
Во таа насока очекуван е и одговорот на граѓаните дека пред 5 години се живеело подобро од денеска. Ваков став делат 53% од анкетираните. 8,6% велат дека сега живеат подобро од пред 5 години додека 35,7% не чувствуваат никаква промена.
Со исклучок на анкетата во 2019 кога само една третина од граѓаните тврдеа дека пред 5 години живееле подобро, и лани и оваа година над половина од анкетирнаите велат дека животот пред 5 години бил подобар.

Анкетата по нарачка на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1079 испитаници во периодот од 16 до 20 април оваа година. 

Анкета на Детектор 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

Остани поврзан