• среда, 27 ноември 2024

Десничарската Алтернатива за Германија достигна историски рекорд во популарност

Десничарската Алтернатива за Германија достигна историски рекорд во популарност

Берлин, 7 јули 2023 (МИА) - Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД ) достигна нов рекорд на популарност на сите времиња, според најновата анкета спроведена од државната телевизија АРД.

Партијата напредувала за два процентни поени и моментално ја поддржуваат 20 отсто од испитаниците, покажа истражувањето.

Ова ја направи АфД втората најсилна партија во земјата.

АфД традиционално е на маргините на германската политика, но неодамна во Германија се отвори интензивна политичка дебата за подемот на екстремната десница.

Тирингија и Саксонија-Анхалт се две од шесте германски покраини кои ја сочинуваа поранешната комунистичка Источна Германија, регион кој генерално повеќе ја поддржува екстремната десница.

Најмногу гласови во анкетата на АРД освоија Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) со 28 отсто, што, сепак, е пад од еден процентен поен.

Популарноста на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) остана непроменета на 18 отсто, а на Зелените 14 отсто, што е нивен најслаб резултат од септември 2018 година.

Либерално-демократската партија (ФДП) и левичарската Ди Линке останаа на седум и четири проценти.

СПД на канцеларот Олаф Шолц е во коалициска влада со Зелените и ФДП. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан