• среда, 25 декември 2024

Десет дена до почеток на пописот – ДЗС целосно подготвен, опозицијата бара да биде електронски

Десет дена до почеток на пописот – ДЗС целосно подготвен, опозицијата бара да биде електронски
Скопје, 26 август 2021 (МИА) – Подготвителните активности за Пописот на населението, домаќинствата и становите се целосно завршени и Државниот завод за статистика информира дека е целосно подготвен за отпочнување на најголемата и најзначајна статистичка операција, што по речиси 20 години е предвидено да се спроведе во земјава од 5 до 30 септември годинава. Додека директорот на ДЗС, Апостол Симовски, вчера увери дека целосно ќе се почитуваат донесените строги здравствени протоколи и дека нема да биде загрозено здравјето на ниту еден поединец во државата, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ со оглед на зголемениот број новозаразени најдобро решение е да се направи електронски попис. Ваквиот предлог, Симовски категорично го отфрли и нагласи дека сега ниту може, ниту има намера да се размислува за менување на методологијата, која како што рече, е донесена со Закон, објавена во Службен весник и одобрена од Евростат. - Имаме јасни и прецизни КОВИД-протоколи кои мора и ќе се почитуваат. Тоа е наша обврска, но и гарантираме дека протоколите максимално ќе се почитуваат. Ќе сносиме одговорност ако тоа не се случи, рече Симовски, нагласувајќи дека ова е задолжителна активност и обврска на сите. За попишувачи аплицирале речиси осум илјади луѓе, а како што информира Симовски, точната бројка на попишувачи кои евентуално би недостигале, ќе се знае откако ќе се спроведе тестирањето на кандидатите. Симовски, рече дека е задоволен од пријавениот број и дека очекува да има комплетна покриеност со попишувачи на терен, а можноста која им е на располагање за вклучување на лицата кои се времено ангажирани од Владата и локалните власти, тој нагласи дека ќе се користи само доколку немаат доволно кадар и согласно потребите. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, вчера рече дека во услови кога имаме поразителни бројки на заразени и починати од корона вирусот најдобро е да се направи електронски попис. - Најдобар начин да се спроведе целата оваа процедура е да се направи електронски попис, кој што ВМРО-ДПМНЕ цело време го бара. Со електронски попис, без физичко посетување на граѓаните во домовите, ќе се спречи заразата да се шири, а ќе може точно да утврдиме колку има население во Македонија за да нема манипулации какви што власта сега сака да прави. Така што, решение е електронски попис за да се заштити здравјето на граѓаните и да нема манипулации, изјави Николовски, одговарајќи на новинарски прашања по вчерашната средба со граѓани во населеното место Драчево во Општина Кисела Вода. Со политички договор поради пандемијата со КОВИД-19 пописот, кој првично беше закажан за април годинава беше одложен за септември. Собранието со 95 гласа „за“ и 12 „против“ на 2 април годинава го донесе по скратена постапка Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година со што пописот и формално беше одложен за 5 до 30 септември. Одложувањето на пописот, заедно со воведувањето на отисок од прст и одложувањето на локалните избори за октомври годинава, беа дел од договорот на средбата меѓу лидерите на двете најголеми партии во земјата премиерот Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, додека со поддршка подоцна излезе и лидерот на ДУИ Али Ахмети. аа/са/

Остани поврзан