Депонијата, урбанизацијата и водата за пиење, приоритети на кандидатот за градоначалник на Струга од движењето БЕСА
- Проблемот со депонијата, водоснабдувањето, урбанизацијата и образованието се клучните проекти на кандидатот за градоначалник на Општина Струга од движењето БЕСА, Абдула Ќазимоски.
Струга, 1 октомври 2021 (МИА) – Проблемот со депонијата, водоснабдувањето, урбанизацијата и образованието се клучните проекти на кандидатот за градоначалник на Општина Струга од движењето БЕСА, Абдула Ќазимоски.
Барајќи ја довербата од стружани на претстојните локални избори, што ќе се одржат на 17 октомври, вети решавање, на, како што рече, деценсиските проблеми во општината.
- Водата за пиење е повеќегодишен проблем, како во градот, така и во руралните населени места. Ќе се обидам да го решам овој проблем и стружани да имаат чиста вода за пиење преку целата година. Ако тие, политичките опоненти, неможеа да го решат проблемот за три, односно четири мандати, јас ќе се обидам тоа да го сторам во еден. Доколку не успеам ќе се откажам од секакви политички ангажмани, рече Ќазимоски.
Како еден од горливите проблеми во општината ја посочи и урбанизацијата, односно дивоградбите во руралните средини, поради немањето детални урбанистички планови.
- Урбанизмот создава хаотичен изглед на градот, но и дивограби во руралните средини. После толку години Општината не успеала да направи ДУП и да помогне во решавање на проблемот и луѓето да градат соглансо законот, забележа кандидатот на движењето БЕСА.
Според него, во лоша состојба е и образованието во Струга, но, загрижувачки, како што рече, е намалениот број на ученици, поради лошите услови во образовниот систем.
- Квалитетот на образованието е паднат на многу ниско ниво. Многу наставници ќе ја изгубат работата зошто е намален бројот на деца. Како градоначалник ќе го променам системот директорите на училиштата да не се поставуваат партиски, со цел да добиеме квалитетен образовен кадар, истакна Ќазимоски.
Како Лабуништанец, смета дека е време Струга да добие градоначалник од ова населено место, кое, како што нагласи, е одлучувачко на локалните избори и ги повика сите стружани без разлика на верска и етничка определба да го дадат својот глас за број 16.
- Ќе ја направиме Струга подобро место за живеење и за соживот меѓу сите граѓани. Секој граѓанин да ужива во благодетите на Струга, а не само одредени политички структури, додаде Ќазимоски.
На вечерашниот митинг во Струга беше претставена и советничката листа на движењето БЕСА, чиј носител е Фатмир Емуш. сс/лв/