• вторник, 24 декември 2024

Демонстрации ширум САД за подобра регулатива на огненото оружје

Демонстрации ширум САД за подобра регулатива на огненото оружје
Вашингтон, 11 јуни 2022 (МИА) - После неодамнешните вооружени напади и убиства низ САД илјадници Американци се очекува денеска да демонстрираат за обезбедување подобра контрола врз огненото оружје. На 24 мај средношколец со автоматска пушка уби 19 ученици и двајца професори во училиште во Тексас, а неколку дена претходно 18-годишно бело момче уби 10 црнци во Бафало,  по што се зголемија барањата за подобро регулирање на пристапот на граѓаните до огнено оружје. За денеска се планирани неколку стотини собири во САД, вклучително и во Вашингтон. -Време е да се вратиме на улиците, велат од движењето „Марш за нашите животи“, основано од жртви и преживеани од вооружен напад. Во повикот за демонстрации, движењето побара од граѓаните „да им покажат на избраниците на народот дека бараме и имаме право да ја ослободиме нашата земја од насилството од огнено оружје“. Додека анкетите покажуваат дека повеќето Американци се за поголеми ограничувања за продажба на огнено оружје, повеќето опозициски, републикански пратеници се против тоа. Претставничкиот дом на САД во средата усвои предлог-закон со кој се забранува продажба на полуавтоматски пушки на деца под 21 година и продажба на патрони со оружје со голем калибар. Но, речиси и да нема шанси регулативата да помине во Горниот дом на Конгресот, Сенатот, каде поради правилата на квалификуваното мнозинство е потребна поддршка од десет републиканци. Владејачките демократи и опозициските републиканци преговараат за да најдат компромисен текст на оваа регулатива што би можело да го собере потребното мнозинство.сд/

Остани поврзан