• недела, 21 јули 2024

Демонстранти ноќеска ја запалија шведската Амбасада во Багдад, шведското МНР го осуди чинот

Демонстранти ноќеска ја запалија шведската Амбасада во Багдад, шведското МНР го осуди чинот

Багдад, 20 јули 2023 (МИА) - Стотици демонстранти рано утринава упаднаа во шведската амбасада во Багдад и ја запалија, јавија британските медиуми.

Првичните информации говорат дека во инцидентот нема повредени вработени во амбасадата, а официјален Стокхолм го критикуваше нападот врз амбасадата, пренесоа британските медиуми.

„Ги осудуваме сите напади врз дипломати и претставници на меѓународни организации“, се наведува во соопштението на шведското Министерство за надворешни работи.

Постапката на демонстрантите е критикувана и од ирачките власти.

Ирачкото Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека „најостро“ го осудува палењето на шведската Амбасада во Багдад и ги повика безбедносните сили веднаш да почнат истрага, пренесуваат француските медиуми.

„Ирачката влада ги задолжи надлежните безбедносни сили да спроведат итна истрага и да ги преземат сите неопходни мерки за да се разјаснат околностите околу инцидентот, како и да се утврди идентитетот на сторителите“, се наведува во соопштението на ирачкото Министерство за надворешни работи.

„Сите вработени во амбасадата во Багдад се неповредени, министерството одржува редовен контакт со нив“, соопшти шведското МНР, пренесено од британските медиуми.

Ирачките власти имаат обврска да ја гарантираат безбедноста на дипломатските претставништва на нивната територија, истакна шведското министерство.

Протестот беше организиран од приврзаниците на шиитскиот свештеник Муктада Садр пред очекуваното палење на муслиманската света книга Куранот во Шведска. Се нагласува дека ваквите работи во минатото доведоа до големи протести и осуди во земјите со мнозинско муслиманско население.

На видеата објавени на Телеграм се гледа како луѓето се собираат околу комплексот во 1 часот по полноќ по локално време и упаѓаат во него еден час подоцна. Подоцна објавените видеа покажаа дека чад се крева од зграда која е дел од комплексот на амбасадата. сд/

Фото: Скриншот од Си-ен-ен

Остани поврзан