• понеделник, 23 декември 2024

Демонстрантите си заминуваат од пред српското Собрание

Демонстрантите си заминуваат од пред српското Собрание
Белград, 11 јули 2020 (МИА) – Демонстрантите си заминуваат од пред српското Собрание во Белград, што значи дека вечерашниот антивладин протест е завршен. Како што јавуваат српските медиуми, пред Собранието упорно стои една помала група демонстранти, кои се поддржувачи на поранешниот член на Двери Срѓан Ного, кој денеска беше приведен на сослушување, но потоа беше пуштен. Некои српски портали јавија дека полицијата вечерва пресретнала група млади мажи кои ги претресла и кај нив пронашла молотови коктели и гас маски. Инаку вечерашниот протест помина мирно, без инциденти. На насобраниот народ пред влезот во Собранието им се обрати свештеникот Антоние Давидовиќ кој повика на мир и рече дека луѓето се кренале против „корона диктатурата“. За време на неговиот говор беа запалени неколку факели. На скалите пред Народното собрание беа запалени и свеќи во чест на Љубисав Ѓокиќ, познат како Џо багерист кој почина денеска на 77-годишна возраст. Тој беше еден од симболите на демонстрациите на 5 октомври во 2000 година со кои беше урнат режимот на Слободан Милошевиќ. Инцидент пријави новинарот на неделникот НИН, Вук Цвијиќ, кој информира дека тројца крупни мажи му го одзеле телефонот и ги избришале снимките кои ги направил, а потоа му го вратиле. Цвијиќ за српските медиуми рече дека граѓаните кои доаѓале на протестот му рекле дека сомнителни лица се собираат во еден подрум во преминот Безистен. Тој тоа го пријавил кај припадниците на Интервентната полиција, кои ја отвориле вратата што ја посочиле граѓаните и на неа се појавиле нивни колеги, исто така припадници на Интервентната. Откако членовите на полицијата заминале, Цвијиќ слегол по скалите и влегол во просторија каде што наишол на тројца мажи кои му рекле дека не може да снима, му го зеле телефонот и рекле дека мора да си оди. Покрај Белград, мирни протести вечерва се одржаа и во Нови Сад, Зрењанин, Чачак, Крушевац, Ниш и Крагуевац. јт/

Остани поврзан