• сабота, 23 ноември 2024

Демонстрантите се повлекоа, полицијата го опколи Собранието во Белград

Демонстрантите се повлекоа, полицијата го опколи Собранието во Белград
Белград, 8 јули 2020 (МИА) - По протестот пред српскиот Парламент вечерва хаосот продолжи низ централните улици на Белград. Полицијата поради инцидентот употреби солзавец на неколку локации во градот. Демонстрантите фрлиле факли врз полицијата. По нападот на полицијата, органите на јавниот ред и мир го заземале целиот простор пред Парламентот, а граѓаните се растерани. Српскиорт министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ вечерва на вонредна прес-конференција по повод протестите во Белград и други српски градови истакна дека протестите се обид да се преземе власта без волјата на народот, без учество во власта. Тој наведе дека полицајците мирно и воздржано се однесувала се се додека не биле загрозени нивните животи. – Беа нападнати се се и сешто, па и со лопати, молотови коктели, наведе Стефановиќ, додавајќи дека се повредени 10 полицајци. Тој наведе дека протестот никој не го пријавил, поради што е незаконски. Српската премиерка Ана Брнабиќ вечерва изјави дека ова се најнасилните протести досега во земјата, но дека во Србија нема да има насилен преврат и анархија. - Кризниот штаб утре ќе се состане и ние ќе продолжиме да се бориме против коронавирусот и да ги спасиме здравствените работници и здравјето на луѓето, и ќе победиме, рече Брнабиќ за ТВ Пинк, повикувајќи ги граѓаните да бидат дисциплинирани. Таа посочи дека се се прави и дека полициски час се уште не е воведен, но дека мора да се борат за здравјето на луѓето и да балансираат заради зачувување на економијата. Претседателот на српската Народна партија, Вук Јеремиќ, вечерва ја обвини Владата дека на протестите испраќа хулигани за да прават нереди и да предизвикаат судири. „Испрати хулигани да создадат хаос и да предизвикаат судири меѓу луѓето. Тој сака да не натера да се мразиме едни со други“, напиша Јеремиќ на Твитер. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин во вечерашното телефонско вклучување за ТВ Пинк изјави дека „насилните протести во Белград имаат една цел, а тоа е државен удар и земјата мора да одговори на соодветен начин“, порачувајќи дека силата на законот мора да го спречи насилството. Тој истакна дека ова што се случува вечерва во Белград, Нови Сад и другите градови во Србија, како и тоа што се случуваше вчера, е обид за предизвикување граѓанска војна. Освен во Белград, вечерва на протести се собраа и граѓаните на Ниш, Крагуевац и Нови Сад. Повеќе десетици граѓани на Ниш го блокираа вечерва сообраќајот, а пристигнувањето на полицијата беше пречекано со свирежи и извици „кучиња, кучиња“. На демонстрантите им се приклучила и голема група млади луѓе. На платото пред Градското собрание на Крагуевац, исто така, во 19 часот се собраа незадоволни граѓани од постапките на власта во Србија. Граѓански протест поради најавите за воведување полициски час започна вечерва и на Плоштадот Слобода во Нови Сад. На почетокот на собирот се случил мал инцидент меѓу претставници на различни идеологии, околу тоа кој ќе одржи говор. Десничарски ориентирани демонстранти пристигнале со знамето на Косово, додека „левичарите“ носеле транспарент „Кој тебе со пендрек, ти нему со револуција“. Демонстрантите во Нови Сад вечерва со камења ги искршија прозорците на Градската куќа, а претходно ја уништија влезната врата на зградата на РТ Војводина, при што едно лице беше повредено.Претходно нападнале и неколку полицајци. Демонстрантите бараат оставка на Кризниот штаб и конечно да се каже вистината за епидемијата која ја зафатила земјата. Српскиот претседател Александар Вучиќ во текот на денешниот ден изјави дека утре ќе заседава Кризниот штаб и веројатно нема да биде воведен полициски час, но мерките ќе бидат заострени во Белград, нагласувајќи дека не добил поддршка да се воведе полициски час, но тој и понатаму смета дека тоа треба да се направи. Вучиќ на прес-конференција истакна дека во последните 24 часа се потврдени 357 новозаразени, а 11 луѓе починале. Според него, Белград е најголем проблем и бројот на заболените се зголемува. Тој укажа дека и понатаму смета оти полицискиот час е неопходен, имајќи ја предвид тежината на ситуацијата и дека во болниците веќе нема место, но и дека за забрана на движењето е потребно да се воведе вонредна состојба. гт/

Остани поврзан