• среда, 25 декември 2024

Демолирано детско игралиште во Тетово, општината бара полицијата да ги најде сторителите

Демолирано детско игралиште во Тетово, општината бара полицијата да ги најде сторителите

Тетово, 5 јануари 2024 (МИА) - Делови од детско игралиште во Тетово се најдоа во реката Пена, откако несовесни поединци претходно ја оштетиле и искршиле урбаната опрема. Овој случај е евидентиран од општинските служби на детското игралиште изградено на кејот на реката Пена помеѓу улицата „Благоја Тоска“ и „Видео Смилевски-Бато“.

- Ваквите грди постапки никому не му користат, напротив претставуваат грда слика за нашиот град. Опремата е на сите, градот е наш. Ако не работиме заедно, ќе ни биде тешко да се развиваме и да одиме напред. Апелираме до граѓаните да го заштитат градот. Се надеваме дека надлежните ќе ги пронајдат и казнат оние кои ги оштетиле реквизитите што ги користат децата, соопштија од Општина Тетово.

МИА објави истражување во октомври, 2023 година кое ја отсликува постојаната ваква состојба со несовесните постапки на граѓаните. Иако, со години постојат камери во тетовскиот Жена парк, тоа не ги спречувало досега несовесните поединци речиси целосно да го уништат местото и опремата.

Во 2017 година во времето на претходното општинско раководство заврши реконструкција на тоа место, но детските лизгалки, нишалки и слични реквизити одамна ги нема затоа што неколку месеци потоа беа целосно уништени. Тоа е направено и со речиси сите клупи, канти за отпадоци, справи за вежбање. ас/вг/


фото: Општина Тетово 

Остани поврзан