• среда, 25 декември 2024

Демокртскиот сојуз на Косово со ново раководство, изостанаа некои од досегашните клучни фигури

Демокртскиот сојуз на Косово со ново раководство, изостанаа некои од досегашните клучни фигури
Приштина, 20 март 2021 (МИА) – Најстарата и една од најголемите косовски политички партии, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) го избра денеска новото Претседателство, откако минатиот понеделник, на 14 март, беше ибран новиот патртиски лидер, Љумир Абдиџику, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателството брои 33 члена, а падна во очи тоа дека меѓу нив не се избрани некои од досегашните експоненти на партијата, во прв ред досегашниот потпретседател Агим Велиу и генералниот секретар Арбан Абраши, двајцата вршители на должноста министри во Владата во оставка на нивниот сопартиец Авдулах Хоти.
Меѓу истакнатите фигури кои останаа надвор од раководството на ЛДК се и в.д. министерот Дритон Селманај, како и Хаки Ругова, Исмет Беќири и претставникот на косовската Влада во преговорите со Србија, Скендер Хисени.
За потпретседатели на ЛДК се избрани Газменд Мухаџери, Антон Ќуни, Шќипе Мјекиќи и Љутви Хазири, кој и досега беше на таа функција и беше главен противкандидат на Абдиџику за челната партиска функција. За генерален секретар е избран Имри Ахмети.
Новото партиско раководство, на предлог на претседателот Абдиџику, беше изгласано денеска од страна на Генералното собрание на ЛДК.
Љумир Абдиџику беше избран за нов претседател на ЛДК откако неговиот претходник, Иса Мустафа, поднесе оставка поради најслабиот резултат кој партијата го оствари во досегашниот историјат на политичкиот плурализам во држвата.
На вонредните, осми по ред парламентарни избори во Косово, одржани на 14 февруари, ЛДК испадна треторангирана со освоени 12,7 отсто од гласовите и 15 пратенички места. Победи Движењето самоопределување (ВВ) со 50,27 отсто и 58 пратеници, а втора беше Демократската партија на Косово (ПДК), со 17 отсто гласови и 19 места во 120-членото Собрание на Косово. иа/

Остани поврзан