• среда, 25 декември 2024

Дел од имотот на Клиничка болница Тетово е приватизиран, директорот алармира на проблеми при оградување на земјиштето

Дел од имотот на Клиничка болница Тетово е приватизиран, директорот алармира на проблеми при оградување на земјиштето

Тетово, 11 јануари 2024 (МИА) - Директорот на Клиничка болница Тетово Илир Демири на прес-конфернција побара државните институции да обезбедат услови неговата установа да може да го обележи и огради имотот затоа што, според него, неодамна биле спречени од поединец кој приватизирал дел од земјиштето.

Демири вели дека проблем има и поради тоа што во приватизираниот дел од дворот спаѓа и дел од местото каде се наоѓаат резервоари за нафта.

-Во минатото од страна на бивш градоначалник е приватизирано 87 или 97 квадратни метри и четири квадрати од резервоарите за нафта кои се во владение и користење над 50 години од Клиничка болница Тетово. Не е проблем како е приватизирано и на кој начин. За тоа ќе се занимаваат органите на правдата и обвинителството. Јас сакам граѓаните на Тетово да ги информирам дека има тенденција и истите луѓе сакаат да го приватизираат овој дел што го гледате тука и да го оневозможат пристапот на Клиничка болница Тетово на булеварот „Благоја Тоска“, истакна Демири.

Директорот на Клиничка болница образложи дека проблемот се јавил кога работници сакале да го оградат местото.

-Ние имаме решение од општина, од актуелната власт за да направиме ѕид. Излеговме да градиме, да ограничиме до каде е наша сопственост, тие дојдоа и со насилство ја попречија оваа работа. Правно е реагирано, поднесени се жалби, информирани се и во полиција и во сабота да сме живи и здрави, ќе се стави темел и ќе се прави ограда. Со резервоарот ќе остане правдата да реши. Тоа е сопственост на Република Македонија во користење на Клиничка болница Тетово, истакна Демири.

Местото се наоѓа зад зградата на хируршкиот блок каде се вршат градежни работи и за уредување на просторот за паркиралиште. Клиничка болница има план и за сообраќајно поврзување со булеварот „Благоја Тоска“.

-За поврзувањето со булеварот е поднесено барање и до општина и до инспекторат и до сообраќајна полиција. Треба да се најде сообраќајно решение и да се направи дополнителна  лента. Во иднина сигурно ќе се оствари и тоа е амбиција, сакаме да одиме напред. Сега ќе биде како паркинг, а во иднина кога ќе се најде сообраќајно решение ќе биде како влез и излез од Клиничка болница, изјави Демири. ас/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан