Дел од „Зелените поени“ собрани преку вендинг машини на Пакомак донирани на СОС Детско село
- Преку апликацијата „ЕкоМак“ граѓаните гласаа за донирање на средствата собрани на вендинг машините на Пакомак за потребите на СОС Детско Село, соопштија од Пакомак. Со оваа одлука, вкупно 34.000 денари собрани преку одложување на амбалажен отпад ќе бидат донирани на СОС Детско село, додека од Пакомак велата дека ќе ги удвојат собраните средства за да придонесат и со нивна донација.
Скопје, 23 декември 2023 (МИА) - Преку апликацијата „ЕкоМак“ граѓаните гласаа за донирање на средствата собрани на вендинг машините на Пакомак за потребите на СОС Детско Село, соопштија од Пакомак. Со оваа одлука, вкупно 34.000 денари собрани преку одложување на амбалажен отпад ќе бидат донирани на СОС Детско село, додека од Пакомак велат дека ќе ги удвојат собраните средства за да придонесат и со нивна донација.
-Донацијата беше спроведена на апликацијата ЕкоМак, каде корисниците имаа можност да изберат каде ќе ги потрошат вкупно собраните „зелени поени“ добиени за селективно одложување на отпадот. Преку одложување на отпад во изминатиот период беа собрани вкупно 68.000 „зелени поени“, еднакви на 34.000 денари во денарска противвредност. Преку 300 корисници на апликацијата гласаа средствата да заминат кај СОС Детското село, за да им помогне во покривањето на оперативните трошоци, велат од компанијата.
-Во име на компанијата Пакомак, сакам да ви се заблагодарам што вашите зелени поени ги подаривте за поддршка на СОС Детското село и за заштита на ранливата група на деца без родителска грижа, вели во пишана изјава менаџерот за грижа на корисници во Пакомак, Ико Брдаровски.
Првата повратна вендинг машина беше поставена во Скопје во 2021 година, а оттогаш вендинг машини добија и повеќе други градови, како Тетово, Прилеп, Куманово, Битола, Штип, Берово и други. Корисниците на повратните вендинг машини наменети за одложување на амбалажен отпад за секое парче отпад оставено во машината добиваат по 1 зелен поен (2 зелени поени = 1 денар), кои потоа имаат можност да ги заменат искористат за плаќање во повеќе ланци на супермаркети, плаќање комуналии и услуги од јавен интерес и слично. Апликацијата дава можност и за донирање на зелените поени за СОС Детско Село. сх/лв/
Фото: Пакомак