• четврток, 04 декември 2025

Делчево со низа инклузивни и хуманитарни активности го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Делчево со низа инклузивни и хуманитарни активности го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Делчево, 3 декември 2025 (МИА) - Општина Делчево со повеќе активности го одбележа 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во соработка со локалните институции, образовните установи и граѓанскиот сектор.

Програмата започна во Јавната локална библиотека „Илинден“ со хуманитарен саем на книга на издавачката куќа „Сакам книги“, кој предизвика голем интерес кај граѓаните. Градоначалникот Иван Гоцевски го посети саемот, изразувајќи поддршка на активностите што ја поттикнуваат вклученоста, солидарноста и љубовта кон книгата.

Централниот настан се одржа во новоотворените простории на Дневниот центар за лица со попреченост, кој отсега ќе овозможува проширени социјални услуги. Настанот беше организиран од Бравура Кооператива, во соработка со Општина Делчево и Центарот за социјална работа.

Свое обраќање имаше претставникот на Бравура Кооператива, Александар Николов, кој ја нагласи важноста на создавањето инклузивна заедница.

-Денес за првпат сме во нов простор наменет за повеќе видови социјални услуги. Се стремиме секој ден да биде еднаков за сите, без разлики меѓу луѓето и со вистинско чувство на прифатеност, изјави Николов, најавувајќи натамошно проширување на услугите и уредување на просторот.

Потоа се обрати градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој упати благодарност до сите институции и организации вклучени во поддршката на лицата со попреченост.

-Овој прекрасен простор денес е вистински дом за корисниците. Потребата од поддршка во нашата општина е голема, а инфраструктурата што ја создадовме заедно е силен мотив да продолжиме уште поинтензивно, истакна Гоцевски.

Тој најави дека општината во декември ќе ја достави новата Програма за социјална заштита, која ќе опфати нови услуги – поддршка за лица со епилепсија, финансиска помош за семејства со деца со мускулна дистрофија, продолжени донаторски активности и посебна грижа за најранливите категории. Настанот продолжи со музички настап и дружење со корисниците.

Во рамки на програмата, Општина Делчево ја промовираше и новогодишната инклузивна „Куќичка на надежта“, наменета за собирање донации за децата од ранливи категории. Според градоначалникот, секоја донација – пакетче, книга, цртеж или играчка – претставува „мал знак на солидарност што испраќа голема порака дека различноста создава убавина.

Како дополнителна активност, во кабинетот на градоначалникот се одржа и мотивирачка средба со Кристијан Митевски – млад човек со пречки во развојот. Гоцевски ја опиша средбата како искрена и инспиративна, додавајќи дека „ваквите луѓе секогаш ќе ја имаат мојата поддршка, не само како градоначалник, туку пред сè како човек.

Општина Делчево порача дека активностите продолжуваат со цел градење хумано, инклузивно и солидарно општество. вс/дма

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан