Делчево со најбогата новогодишна програма досега – 22 дена музика, улична уметност и содржини за најмладите
- Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, денеска на прес-конференција ја претстави новогодишна програма, која ќе трае 22 дена и, како што истакна, претставува најобемна и најбогата манифестација организирана досега во градот.
Делчево, 12 декември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, денеска на прес-конференција ја претстави новогодишна програма, која ќе трае 22 дена и, како што истакна, претставува најобемна и најбогата манифестација организирана досега во градот.

Во рамки на програмата ќе настапат бројни македонски изведувачи, меѓу кои Ламбе Алабаковски, BROOKA BAND, Ангел, Иван и Драган, Бумбари, Амбасадор, како и диџеите DJ Bryan, DJ Brysid, DJ Freeky и Filip–Rocci–Hristijan Sax. Публиката ќе може да проследи и настапи од групата „Троја“, Грин-џ зимскиот уличен фестивал, Баскерфест – Македонија, Кирил Пантомима, Штулар – Grinch и голем број забавувачи и аниматори за најмладите.
Според градоначалникот Гоцевски, урбаниот простор на Делчево во празничниот период ќе биде исполнет со уметници од локалните и националните институции – основните и средните училишта, детската градинка, Центарот за култура, граѓански здруженија, како и познати македонски уметници од различни музички жанрови.
Под отворено небо, граѓаните ќе можат да уживаат во настапи на диџеи од повеќе електронски стилови, како и во македонска стара и современа музика, евергрин хитови, рок, рееге, блуз и поп музика. Програмата ќе биде збогатена со улични артисти, костимирани аниматори и традиционалниот Дедо Мраз, кој ќе доделува новогодишни пакетчиња за сите деца до петто одделение.
Гоцевски упати благодарност до компаниите што се вклучиле во организацијата и помагаат Делчево да биде празнично уредено, како и до институциите и вработените кои, како што рече, вложиле значителен труд во украсувањето на градот.
-Верувам дека ќе создадеме празнична магија што ќе ја почувствуваат сите генерации. Делчево оваа година вистински ќе свети, порача градоначалникот. вс/дма/
Фото: МИА