Делегација на Општина Битола оствари посета на збратимениот град Херцег Нови
- Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, викендов присуствуваше на отворањето на 56 издание на Празникот на мимозите во збратимениот град на Битола, Херцег Нови.

Битола, 17 февруари 2025 (МИА) - Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, викендов присуствуваше на отворањето на 56 издание на Празникот на мимозите во збратимениот град на Битола, Херцег Нови.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола соопштија дека за време на посетата, градоначалникот Коњановски, остварил повеќе протоколарни средби на кои се разговарало за долгогодишната соработка помеѓу Битола и Херцег Нови, како и за можностите за понатамошно зајакнување и унапредување, пред се на културната соработка.
-Градоначалникот Коњановски во Херцег Нови се сретна и разговараше и со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, потпретседателот на Владата задолжен за безбедност, одбрана, борба против криминалот и внатрешната политика Алекс Бечиќ, министерката за култура и медиуми, Тамара Вујовиќ, амбасадорот на Македонија во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ и претседателот на Општина Херцег Нови, Стеван Катиќ. Во интервју за Радио телевизија Црна Гора, градоначалникот Коњановски нагласи дека Битола и Херцег Нови имаат официјална соработка од 1976 година, а последните години се повеќе се интензивира со реализација на повеќе настани и активности на кои освен официјални делегации, присуствуваат и граѓани од двата градови, информираа од Општина Битола.
Организатори на Фестивалот на мимозите се Општина Херцег Нови, Туристичкиот одбор Херцег Нови - Туристичка организација Херцег Нови и ЈУК Херцег Фест. мт/дма/
Фото: Општина Битола